• четврток, 19 декември 2024

Во Охрид во тек е меѓувладината седница на македонската и на унгарската влада

Во Охрид во тек е меѓувладината седница на македонската и на унгарската влада

Охрид, 27 септември 2024 (МИА) – Во Охрид тукушто започна заедничката седница на Владите на Република Северна Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.

На седницата што е предвидена да трае околу два часа и претходеше тет-а-тет средба на претседателите на владите на двете држави.

Премиерот Мицкоски за средбата истакна дека била пријателска, а за Унгарија дека историски била држава партнер што ги препознал македонските стремежи за независност и суверенитет.

„Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

По меѓувладината седница протоколот предвидува двајцата премиери да одржат прес-конференција на која ќе презентираат детали од текот на остварените разговори.

Бројната унгарска делегација што синоќа допатува во Охрид е составена од десеттина министри од Кабинетот на Орбан.

Попладнево  предвидена е и прошетка на унгарската делегација низ Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. аб/сс/

фото/МИА

 

Остани поврзан