• четврток, 19 декември 2024

Во ОУ „Маца Овчарова“ во Велес отворена сензорна соба по најсовремени стандарди

Во ОУ „Маца Овчарова“ во Велес отворена сензорна соба по најсовремени стандарди

Велес, 23 мај 2024 (МИА) - Во велешкото основно училиште со Ресурсен центар „Маца Овчарова“ денеска е отворена сензорна соба, единствена од ваков вид во поширокиот регион, која не е светлечка, но е според најновите и најсовремени стандарди. За разлика од другите во неа постојано ќе работат три специјализирани едукатори и терапевти, кои една година се обучувале според методот на ЏИНЕС. Нив по германски методи ги обучувала реномираната едукаторка Ива Папиќ од Босна и Херцеговина.

Како што појасни за МИА Добрила Ефтовска, една од едукаторките на оваа сензорна соба, Ива Папиќ ги обучила како правилно да се изведува третманот на терапија и како да изгледа оваа соба. Во неа првично третмани ќе имаат 15 ученици од велешките училишта, а потоа ќе бидат третирани и хеперактивни и хиперсензитивни ученици, кои преку овие терапии ќе можат полесно да се вклучат во наставата.

Едукаторката Жана Ѓоргиева појасни дека оваа соба за сензорна едукација не е наменета само за деца со атипичен развој, како што се деца со аутизам, деца со  церебрална парализа или со интелектуални попречености, туку е наменета и за деца со типичен развој, односно за деца кои имаат нарушено внимание со десктруктивно однесување, односно хиперактивни деца. Воедно, оваа соба ќе се користи и за терапија за  хиперсензитивни, односно пасивни деца.

-Целта е преку посета на оваа сензорна соба таа нивна хиперактивност да се намали и да може потоа децата да се вклучат во наставниот процес и да ја следат наставата. Проблемот кај хиперактивни деца е што не можат да седат на столче и поради тоа наставникот не може да го реализира часот. Целта е преку оваа сензорна соба да им се помогне на тој начин што на секој нивни третман ќе биде присутен и родителот за и нему да му се воочат сите слабости на неговото дете, а потоа заеднички со екудаторот да му помогнат на своето хиперактиво дете, тоа да го надмине и потоа да може да ја следи наставата, појасни Ѓоргиева.

Директорката на училиштето, Мирјана Петрушевска информира дека средствата за опремување на сензорната соба од околу 10 илјади евра биле собрани од Донаторската вечер на Ротари Клуб и Лајонс Клуб одржана во декември лани на која биле продавани и цртежи од учениците. Донации добиле и од други спонзори. Воедно информира дека се потребни и дека бараат и други спонзори за да се доврши подот и да се набават специјализирани лулашки за сензорната соба во училиштето.ад/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан