Во новата година Општина Битола со буџет од 3,1 милијарда денари
- При подготовка на буџетот за 2026 година се почитуваа начелата на економичност и рационалност во трошењето на буџетските средства, зголемување на фискалната одговорност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, без да се наруши нормалното функционирање на буџетските институци, истакна Коњановски на седница на Советот на Општина Битола.
Битола, 29 декември 2025 (МИА) - Вкупниот буџет на Општина Битола во новата, 2026 година ќе изнесува 3.107.580.972 денари, информира градоначалникот Тони Коњановски.
При подготовка на буџетот за 2026 година се почитуваа начелата на економичност и рационалност во трошењето на буџетските средства, зголемување на фискалната одговорност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, без да се наруши нормалното функционирање на буџетските институци, истакна Коњановски на седница на Советот на Општина Битола.
-Капиталните расходи во најголем дел се однесуваат на изготвување на проекти, изградба на улици и патишта, водовод, канализација во урбаниот дел на општината, како и во руралниот дел на општината. Нови паркинзи ќе има кај „Овчи Пазар“, кај „Ат пазар“, комплексот болници, на улицата „Браќа Џаферови“, позади зградата позната како „Кифлата“, на просторот кај местото викано кај „Хеликоптерот“. Во делот на спортот и рекреацијата, се вбројува подготовката на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, а ќе се финансира и изработката на физибилити студија за изгрaдба на гондола, изградба на центар за спорт и рекреативни активности, посочи Коњановски.
Градоначалникот на Општина Битола најави и новини во сообраќајната инфраструктура на градот.
-Во делот на сообраќајната сигнализација ќе се реализира поставување на семафори на пешачките премини кај „Камен мост“ и „Епинал“ и поставување на хидраулични столбчиња во Старата чаршија. Секако, има уште многу проекти кои се во тек на реализација, како што се улици кои тековно се работат, но и капитални проекти од типот на новиот ГУП кој очекувам многу наскоро да биде донесен, посочи Коњановски.
На денешната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски јавно истакна дека како градоначалник на Битола ја осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициски политички субјекти, преку кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови на територијата на општината Битола.
-Почитувани битолчани, ве уверувам ниту мигранти, ниту шатори за мигранти ќе има. По однос на ова прашање, можете да бидете мирни и спокојни, затоа што вашата безбедност и сигурност, секогаш е на прво место, а само така можеме да продолжиме да ги реализираме нашите планови за поубава Битола, нагласи Коњановски. мт/сст/
Фото: Општина Битола