• понеделник, 23 декември 2024

Во Неготино функционира дебатен клуб, активностите претставени пред средношколците

Во Неготино функционира дебатен клуб, активностите претставени пред средношколците

Неготино, 25 јануари 2024 (МИА) - Во Неготино функционира дебатен клуб. Активностите на клубот попладнево беа претставени пред средношколците од гимназијата „Свети Кирил и Методиј". На средбата беше појаснето дека клубот е формиран како плод на соработката на Младински образовен форум со регионалното Здружение за заштита на животната средина „Ековита". 

Кристина Тодорова, координатор на клубот и активист во „Ековита" во изјава за МИА истакна дека имаат тренери за дебата - Ристе Димов и Кирил Димитров, кои младите ги учат како најдобро да дебатираат на различни теми. Таа потенцира дека преку  интерактивни дискусии, учениците учат многу и ги развиваат своите вештини за спроведување на конструктивни дијалози.

-Во моментов клубот е отворен за нови членови. Клубот е место каде што младите ги развиваат способностите за размислување, комуникација и истражување.Ние како здружение работиме на заштита и одржливо искористување на животната средина. Работиме на проекти од областа на аерозагадувањето, производство на храна, екологијата. Дел од проектите се на агендата за  презентација и на самите предавања за дебата, со цел да поттикнеме да се создадат иницијативи водени од млади лица, појасни Тодорова.

Таа ја поздрави соработката со Младински образовен форум и нагласи дека е од големо значење функционирањето на еден ваков дебатен клуб.  

- Младински образовен форум работи на бројни проекти во кои се вклучени младите и затоа е задоволство да се соработува со нив. Целта е заедничка, развивање на позитивните вредности кај младите и унапредување на нивните знаења, бидејќи тие се нашата иднина, подвлече Тодорова.свд/фф/

Фото: Здружение за заштита на животната средина „Ековита"

Остани поврзан