• петок, 22 ноември 2024

Во напад на три села во Буркина Фасо убиени 170 лица

Во напад на три села во Буркина Фасо убиени 170 лица

Уагадугу, 3 март 2024 (МИА) -  Непознати напаѓачи пред една недела убиле околу 170 лица во три села на северот на Буркина Фасо, соопшти денеска регионалниот обвинител, пренесоа француските медиуми.

Обвинителот Али Бенџамин Кулибали денеска изјави дека на 25 февруари бил информиран за „големи смртоносни напади“ врз селата Комсилга, Нодин и Сорое, во провинцијата Јатенга, на северот на земјата.

Според првичните информации што стигнале до него во нападот загинале 170 лица, а имало и многу ранетити, со голема материјална штета.

Меѓу жртвите има многу жени и деца, додаде обвинителот и побара од правосудната полиција да покрене истрага.

Во североисточниот дел на Буркина Фасо минатата недела беа убиени 15 лица во напад на католичка црква. Во последните три години црквите беа честа мета на напади, а повеќе десетици верници беа убиени.

Буркина Фасо од 2015 година постојано се бори со џихадистичките напади поврзани со Ал Каеда и Исламската држава, што во текот на изминатите години се проширија од соседно Мали. Во нападите на исламистите досега загинаа 20.000 лица, а два милиона се раселени.

Исламистите во моментов контролираат над една третина од Буркина Фасо. сд/

фото:ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан