• петок, 05 декември 2025

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба по повод 120 години од трагедијата во Загоричани

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба по повод 120 години од трагедијата во Загоричани

Кавадарци, 6 мај 2025 (МИА) - „Стоп за теророт, да не се повтори", е насловена ликовната изложба што вечерва беше отворена во Музеј галерија Кавадарци, по повод 120 години од трагедијата во Загоричани.  

Вишиот кустос историчар на уметност, Трајче Цветков истакна дека изложбата не е само комеморација, туку и моќен дијалог помеѓу историјата и уметноста, помеѓу траумата и отпорот, помеѓу индивидуалната болка и колективната меморија. 

-Масакрот во Загоричани пред 120 години не може да се врати. Но може и мора да се помни. А уметноста, како единствен јазик што зборува и без зборови, станува простор каде што болката добива облик, каде што изгубените добиваат име, каде што историјата престанува да биде бројка и станува лице, сторијата не се менува, но начинот на кој ја паметиме, да, истакна тој. 

Притоа додаде дека делата на авторите не се само сведоштва за еден трагичен настан, рече дека тие се и обид за повторно оживување на заборавените гласови, на исчезнатите лица, на уништените домови. Како што подвлече, секој уметник нуди своја перспектива, каде што боите, текстурите и празнините зборуваат повеќе од зборовите. Историјата овде, рече,  не е само контекст, таа е суштината на изложбата. 

- Преку делата, изложбата станува простор на сеќавање, но и повик за критичка свест и општествена одговорност. Уметноста, како визуелен јазик, добива улога на сведок и гласник одбива да дозволи заборавот да надвладее. Историјата сама по себе не зборува. Таа постои како трага запишана, заборавена, понекогаш намерно изопачена. Но уметноста има способност да й даде глас на историјата, да ја „разбуди“ од архивите и да ја претвори во живо искуство. Таму каде што фактите замолчуваат, каде што датумите избледуваат и каде што политиката ја притиска меморијата, уметноста влегува како отпор и сведоштво. Таа не ја раскажува историјата, таа ја оживува, нагласи Цветков. 

Во својата суштина, уметноста не е само одраз на реалноста, истакна тој, туку и нејзина интерпретација.

- Кога таа се става во служба на историско сеќавање, резултатот не е само визуелна нарација, туку емотивен и духовен дијалог со минатото. Делото станува медиум преку кој гледачот може не само да ја разбере, туку и да ја почувствува историјата. Овој процес на внатрешно оживување на историјата е токму она што ја прави уметноста моќна,  таа не ја повторува историјата, таа ја преведува на јазикот на денешнината, нагласи Цветков. 

Притоа додаде дека кога уметникот се навраќа на трауматичен историски настан како што е масакрот во Загоричани, тој не е само хроничар, тој станува медијатор помеѓу оние што го доживеале и оние што можат да почувствуваат. Преку форма, боја, симбол, празен простор и тишина, рече тој,  уметноста успева да го трансформира трагичното во универзално, да го извлече човечкото од политичкото, личното од колективното.

- Во тоа лежи вистинската моќ на уметноста, таа го надминува времето. Делото создадено денес може да го одекнува крикот од пред 120 години. Може да го задржи вниманието на гледачот таму каде што историјата сака да заборави, да премине понатаму. Уметноста, напротив, инсистира на пауза. Инсистира на сеќавање. Во свет во кој архивите се заклучени, а сведоците исчезнуваат, уметноста станува сведок на емоцијата. Таа не бара само да знаеме што се случило, туку како се случило, кому му се случило и зошто не смееме да го заборавиме, подвлече Цветков. 

Пред присутните се обрати и директорот на музејот, Јаким Зимоски. свд/фф/

Фото: МИА 

Остани поврзан