• сабота, 23 ноември 2024

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на скулптури од вајарот Слободан Милошески

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на скулптури од вајарот Слободан Милошески

Кавадарци, 11 септември 2023 (МИА) - Изложба на скулптури од метал од вајарот Слободан Милошески, беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци, како дел од стопанско - културната и туристичка манифестација „Тиквешки гроздобер". 
 
Директорот на Музејот, Јаким Зимоски потсети дека оваа културна институција, организираше  четири настани во четирите дена од традиционалната манифестација. 

Говорејќи за Милошески и неговото творештво, Елизабета Ристова, кустос во Музејот, соопшти дека тој работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев" во Штип, член е на Друштво на ликовни уметници на Македонија од 2009 година. Има реализирано повеќе од 30 самостојни изложби и учесник е на повеќе од 90 групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на 15 награди и признанија.

- За обликувањето на скулптурите кои се претставени на оваа изложба, професор доктор Џемил Бектовиќ ќе рече дека "се чини како да се е направено на едноставен начин и со леснотија, додека од друга страна, е видлив капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавањето на хармонично комбинирани површини, направени од метални елементи и конструкции. Тие во својата завршница продуцираат уметнички дела кои и даваат значење на идејата за пречекорување на границите на искуството, за когнитивното во полето на металната уметност, а на тој начин го отвораат и патот на самиот чин на автосознание, сподели Ристова.

За делата на Милошески, говореше и ликовниот уметник Владимир Темков. 

Авторот, пак, во своето обраќање кон присутните, рече дека се работи за еден циклус скулптури изработени во метал, на кои работел повеќе од пет години, со техника на заварување. 

- Сакам да препорачам да уживате на сопствен начин во моите скулптури, да ги доживеете онака, како што сакате, нагласи тој, додавајќи дека низ овие дела тој ги изразува своите чувства, давајќи љубов и внимание, спрема формата и спрема животот. 

Настанот беше збогатен со рок хепенинг. свд/цр


Фото: МИА

Остани поврзан