• сабота, 23 ноември 2024

Во Македонска Каменица се гради нов паркинг на барање на жителите од улица „Илинденска“

Во Македонска Каменица се гради нов паркинг на барање на жителите од улица „Илинденска“

Македонска Каменица, 1 јуни 2023 (МИА) - Во Македонска Каменица започна реализацијата на проектот за изградба на нов градски паркинг на улица „Илинденска“. Активноста, како што информираше градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски се реализира на барање на граѓаните од оваа улица.

-Денеска почнуваме со решавање на горливиот проблем на граѓаните на улица „Илинденска“ со паркинг простор. Изградбата на новиот паркинг простор, пред се значи решавање на проблемот со непрописно паркираните возила, поголем простор за разминување, како и подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, рече Атанасовски.

Во рамки на останатите тековни работни кои се реализираат во соработка со ЈП „Камена Река“ со вклучена крупна и помошна механизација, Атанасовски го напомена уредувањето на јавните површини и подобрување на условите за живот во урбаниот дел од градот и во руралните средини од Македонска Каменица.

-Тука ќе ги напоменеме косењето на јавните зелени површини и уредување на обраснатата вегетација на вечните почивалишта во урбаната и руралните средини пред претстојните Духовденски задушници. Приоритетна е и изградбата на нови кракови од секундарната атмосферска и фекална канализација во приградската населба Суво Маало и во Долно Маало. Меѓу останатите активности ќе ги напоменам и уредувањето на постојните локални автобуски постојки во село Саса 1 и Дулица, како и поставување на нови во останатите приградски и рурални средини, додаде Атанасовски.

За каменичкиот градоначалник од клучно значење е отпочнувањето на интензивни градежни активности за уредување на индустриската зона и пристапниот пат кај Каменички Рид, како проект од огромно значење за локалниот економски развој. Во оваа општина во завршна фаза е и последната етапа од уредувањето на кејот на Каменичка Река, по што, како што најави првиот човек на Општината, ќе следува и чистење на речното корито. Општината како што рече посветено ќе работи на изградба на најубавата општина во земјава, ставајќи посебен акцент на инфраструктурата и хортикултурното уредување. вс/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан