Во Куманово утре ќе биде пуштена во употреба реконструраната спортска сала
- Утре, на Илинден официјално ќе биде пуштена во употреба комплетно реконструираната спортска сала во Куманово, објект кој локалната самоуправа го реконструираше последниве четири години, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Куманово, 1 август 2025 (МИА) - Утре, на Илинден официјално ќе биде пуштена во употреба комплетно реконструираната спортска сала во Куманово, објект кој локалната самоуправа го реконструираше последниве четири години, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Свеченото отворање на овој спортски објект ќе се одржи на 2 август 2025 година (сабота), со почеток во 19:30 часот. Веднаш потоа, во 20:00 часот ќе се одржи кошаркарскиот натпревар помеѓу сениорските репрезентации на Македонија и Романија, во организација на КФСМ, како претквалификации за Светскиот куп 2027. Тој ги покани кумановци да присуствуваат на утрешниот кошаркарски натпревар помеѓу Македонија и Романија, закажан за 20 часот.

За реконструкција на салата според претходно изработен проект во 2018 година биле предвидени околу шест милиони евра, а Општината вложи двојно помалку.
- Реконструкцијата на салата чинеше нешто повеќе од 121 милион денари или околу 2 милиони евра, а дополнителни 550 илјади евра беа обезбедени преку Североисточниот плански регион, изјави Димитриевски.
Реконструкција на салата опфати замена на кровниот покривач со изолација, изработени се нови подови со епоксидна подови, обновени се сите санитарни јазли, реконструкција на фекалната и атмосферската канализација. Спортскиот терен доби современ покривач, целосно е реконструирана боксерската сала и изградена е стрелана за спортска стрелба. Салата располага и со нови соблекувални, теретана и современ систем на осветлување, нов семафор, трибини.
Салата сега согласно стандардите на ФИБА има капацитет од околу 3.200 до 3.300 седишта.

Градоначалникот најави и наредни вложувања за целосна модернизација на објектот. Салата е еден од проектите за кои аплицираше Општина Куманово на вториот повик на Владата за инфраструктурно уредување на општините. Димитриевски се заблагодари на Владата, на премиерот, на ресорните министерства за одобрените средства кои се највисоки во државата. За инсталации, опрема, систем за ладење, греење, затоплување, филтрација, вентилација обезбедени се 45 милиони денари. Според проектната документација потребни се 60, но Димитриевски се надева дека ќе успее да ги заврши работите и со 45. За фотоволтаици 10 милиони денари, за партерно уредување 15.
- Тие средства значи се обезбедени, поминаа во државниот ребаланс дополнително поминаа и на ребаланс на Советот на седница на Општина Куманово зашто им се заблагодарувам на сите советници што го гласаа. Веќе од следната недела ќе се распишат јавни повици, променет е планот за јавни набавки каде што ќе се бараат најсоодветни изведувачи коишто ќе учествуваат ги повикувам сите изведувачи од овие дејности да се пријават на тие тендери се со цел да добиеме најдобар квалитет за најниска цена, рече Димитриевски.
Спортската сала во Куманово е изградена пред четири и пол децении и една од најубавите затворени сали во државата и пошироко. ам/мд/
Фото: МИА