• понеделник, 23 декември 2024

Во Кривичен продолжи судењето за „Империја“

Во Кривичен продолжи судењето за „Империја“

Скопје, 19 април 2023 (МИА) - Со изведување на материјални докази од Обвинителството, во Основниот кривичен суд - Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Империја“ против преостанатите две лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.

Во овој предмет се обвинети Цветан Панделески за „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“ и Јованчо Тасковски за „измама“.

Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, првообвинетиот, веќе прогласениот за виновен, наведен како второобвинет во обвинителниот акт, Зоранчо Митревски и уште едно веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица - членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал.

- Тие заедно, по претходен договор, со умисла помогнати од сведок-соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4 000 000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица, стои во обвинителниот акт.

Се додава дека во периодот од октомври 2013 година до јануари 2014 година двајца сведоци-соработници на правдата, заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, Јованчо Тасковски, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице.

- Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283 591 535 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433 592 465 денари. Откако со извршување на кривичното дело измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена дивиденда од по 107 833 000 денари, правното лице било пренесено на оф шор компанија од Белизе и ликвидирано, дополнуваат од Обвинителство.

Парите прибавени од кривично дело и исплатени по основ на дивидендата на правното лице, каде членовите на семејството на првообвинетиот биле сопственици, според обвинението, за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот, по основ на позајмица биле префрлени 62 000 000 денари на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45 833 000 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи.

За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.

Последната пресуда беше за лицето Зоранчо Митревски, за кое, врз основа на признание на вина за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, Основниот кривичен суд - Скопје му изрече условна казна затвор од две години, во раздвоената постапка за случајот „Империја“.

Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот „Мериот“ и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.

Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камче кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на Управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.

Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. ар/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан