• среда, 19 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Крива Паланка се одржа „Сусурига 2025“

Во Крива Паланка се одржа „Сусурига 2025“

Крива Паланка, 1 март 2025 (МИА) - Со дефиле во традиционални костими според некогашната градска традиција на маски и палење оган во чест на празникот Прочка, во Крива Паланка денеска се одржа манифестацијата „Сусурига 2025“, во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.

Дефилето започна од плоштадот „Карпошово востание“, пред општината, продолжи низ централната градска улица, а на градскиот плоштад се одржа централниот настан што кулминираше со палење оган.

На манифестацијата настапија „Осоговски биждеци“ од КУЗ Карпош, Крива Паланка, „Џоломари“ од Манастирец, „Трновски ветришта“ од КУД „8 Октомври“ Крива Паланка и „Бамбурци“ од Ратево.

-Традицијата од етнографскиот крај на кривопаланечкиот регион се практикувала во минатото, со маскирање и палење оган за време на празникот Прочка. Оваа традиција што се прославувала во повеќе делови на Крива Паланка, била „жива“ до периодот на 50-те и 60-те години, но со текот на времето истата полека изумира. Ние ја возобновивме минатата година, во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024“, за да веќе прерасне во нова манифестација што се омасовува и повторно станува дел од програмата настани од културата со заживување на традиционалните форми на прослава, изјави Драган Величковски, директор на Локалната установа Градски музеј Крива Паланка.

Настан ги оживеа старите градски традиции, покрај маскирање и ритуално палење оган, уникатни за Крива Паланка, беше претставен и обичајот „амкање“ кој се изведувал со варено јајце во домовите,каде некој од повозрасните членови на семејството го врзувале за конец, а дечињата се обидувале да го дофатат .

По палењето на огнот, што симболично го изведе градоначалникот, Сашко Митовски, и доделувањето благодарници за учество, 

„Сусурига 2025“ беше заокружена со заедничка дружба на присутните, учесниците и посетителите, со топли пијалоци, веселба и проштевање во духот на христијанската традиција и утрешниот празник, Прочка. иднд/

Фото: Општина Крива Паланка 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан