Во Крива Паланка се одржа работилница за родова еднаквост и дигитална писменост за девојки и жени
- Десетина жени од Крива Паланка и околината учествуваа на работилница за родова еднаквост и дигитална писменост во рамки на едукативните активности што ги спроведува здружението „Спасител - Служба за спасување и помош“ од Крива Паланка.
Крива Паланка, 3 февруари 2026 (МИА) - Десетина жени од Крива Паланка и околината учествуваа на работилница за родова еднаквост и дигитална писменост во рамки на едукативните активности што ги спроведува здружението „Спасител - Служба за спасување и помош“ од Крива Паланка.
Работилниците и обуките се дел од проектот „Биди модерен - научи“ кој овозможува подобро разбирање на негативните последици од несоодветно користење интернет и социјални мрежи, како и согледување на потребата од внимателно и одговорно дигитално однесување.
-Општина Крива Паланка дава поддршка на активности кои придонесуваат за унапредување на родовата еднаквост и креирање подобри можности за жените во заедницата. Повеќето учесници беа во позрели години и изнесоа свои лични искуства, поставувајќи конкретни прашања за тоа како да препознаат несоодветни состојби и ситуации при онлајн комуникација на социјалните мрежи, се интересираа за тоа колку се безбедни нивните лични податоци, за видот и коректниот процес и постапка при онлајн комуникација, а прашањата соодветно им ги одговорија проектниот координатор Сашо Цветковски, од „Спасител“, предавачот Жаклина Алексовска и секако, добија адекватни одговори и насоки од моја страна, информира Гордана Ристовска, координатор за еднакви можности во Општина Крива Паланка.
Проектот „Биди модерен - научи“ се спроведува преку Националниот совет за родова рамноправност „Полио плус“, Движење против хендикеп и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) во рамки на грантовата шема на проектот „Од несвесни за различностите до трансформативни локални заедници кои ја препознаваат различноста и инклузивната еднаквост“.
Ристовска нагласи дека ова е една од вкупно планираните четири работилници во рамки на проектот.ид/вј/
Фото: „Спасител“