• понеделник, 23 декември 2024

Во Крива Паланка се одржа Меѓународниот клупски натпревар во риболов на пливка

Во Крива Паланка се одржа Меѓународниот клупски натпревар во риболов на пливка
Крива Паланка, 15 октомври 2022 (МИА) - Триесетина натпреварувачи во риболов на пливка од Република Србија и Република Северна Македонија учествуваа на традиционалниот меѓународен натпревар во чест на 8 Октомври, празникот на општина Крива Паланка. Турнирот се одржа денеска на езерцето во „Гого-монд“ рибник, Крива Паланка, а домаќин на натпреварот е здружение за спортско-рекреативен клуб „Мрена“, Крива Паланка. - На овој натпревар традиционално учествуваат наши долгогодишни соработници и пријатели, риболовните клубови од државата, од Куманово, Велес, Охрид, Битола и други, како и од соседна Србија. Годинава се натпреваруваа десет тимови од по тројца учесници, а покрај победници во клупско првенство, беше прогласен и најдобар учесник-риболовец, информира Зоран Стоилковски од ЗСРК „Мрена“. Првото место го освои „Мрена“, Крива Паланка, второ место е „Крлушка“, Велес и трето, „Бабуна“, Велес. Првото место во поединечна конкуренција му припадна на членот на „Мрена“, Емил Додевски. На отворањето присуствуваше градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој на завршниот настан ги додели медалите за најдобрите. - Горд сум што клубот од нашиот град е првопласиран.Честитки за успешната организација и освоените медали на победничките тимови, рече Митовски. „Мрена“ како концесионер на риболовниот кривопаланечки ревир „Крива Река 1“, до крајот на 2022 година согласно годишната програма за работа ќе изврши порибување со крап и пастрмка. ид/мс/

Остани поврзан