• вторник, 13 јануари 2026

Во крводарителна акција во Дебар прибрани 32 крвни единици

Во крводарителна акција во Дебар прибрани 32 крвни единици

Дебар, 29 декември 2025 (МИА) - Во петтата и последна крводарителна акција, за годинава, во Дебар, денеска беа прибрани 32 крвни единици.

-Акцијата ја спроведовме во соработка со Институтот за трансфузиона медицина,  а екипата беше сместена во просториите на гимназијата „28 ноември". Од оние кои подадоа рака и ја даруваа драгоцената течност, што живот значи, имаше гимназијалци, професори и граѓани, рече за МИА, Исни Телќиу, секретар на дебарската организација на Црвен крст.

Својата хуманост денеска уште еднаш ја покажа и Аргетим Трепча, директор на гимназијата.

-Редовен крводарител сум. Ќе дарувам се додека можам, зашто тоа е чин на хуманост, на човечност, кој спасува живот. На тоа ги воспитувам и моите деца и моите ученици,  рече Трепча.

Во петте акции, една од нив во Центар Жупа, годинава, прибрани се околу 200  крвни единици а доколку се земе во предвид и даруваната крв во здравствени установи за итни потреби,  таа бројка е 473  крвни единици.

Инаку, годишниот план на дебарската организација, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа изнесуваше 620 крвни единици.  

Неисполнувањето на планот, според Телќиу, е масовната миграција, главно на помладите, кои се и потенцијални крводарители. вт/лв/
Фото :МИА

Остани поврзан