• понеделник, 23 декември 2024

Во Косово потврден првиот случај на заразен од „западно-нилска треска“

Во Косово потврден првиот случај на заразен од „западно-нилска треска“

Приштина, 7 август 2024 (МИА) – Националниот институт за јавно здравје на Косово (ИКШПК) денеска го потврди првиот случај на вирусот на „западно-нилска треска“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од Институтот соопштија дека станува збор за пациент од машки пол, на возраст од 59 години, од општина Косово Поле.

- Станува збор за пациент... хоспитализиран на Инфективната клиника на Клиничко-универзитетскиот центар на Косово (ЌКУК) на 29.07.2024 година, поради симптоми како замор и висока температура. Овие симптоми кај пациентот започнале на 22 јули 2024 година, а по амбулантско лекување е хоспитализиран на 29 јули на Инфективната клиника на ЌКУК за евалуација и понатамошен медицински третман, се наведува во соопштението.

ИКШПК соопшти дека пациентот престојувал во Шенѓин во Албанија, а потоа заминал за Улцињ во Црна Гора. Симптомите се појавиле веднаш по враќањето од Улцињ. Пациентот се лекува на Клиниката за инфективни болести на ЌКУК.

ИКШПК ги информира граѓаните дека епидемиолошката состојба во Косово е мирна и се следи со зголемена внимателност.

- Со оглед на тоа што од минатиот месец неколку земји од Европската унија и од Западен Балкан пријавија случаи на западнонилиски вирус како што се: Шпанија, Италија, Грција, Австрија, Унгарија, Франција, Србија и, неодамна, Албанија, ИКШПК го подигна степенот на внимателност и ги советува граѓаните да ги следат препораките дадени континуирано за спречување на случаи на вирусот на Западен Нил. ИКШПК ги информира граѓаните дека епидемиолошката состојба е мирна и се следи со зголемена внимателност, се вели во соопштението на ККУК.иа/

Остани поврзан