• недела, 24 ноември 2024

Во Кенија се урна хеликоптер со шефот на вооружените сили на земјата и неколку високи воени лица

Во Кенија се урна хеликоптер со шефот на вооружените сили на земјата и неколку високи воени лица

Најроби, 18 април 2024 (МИА) - Хеликоптер со неколку воени функционери, меѓу кои и шефот на воените сили, генерал Френсис Омонди Огола, се урна денеска на запад од земјата, изјави полициски извор.

„Хеликоптерот се запали по падот, а во него имаше повеќе од десет високи команданти, меѓу кои и генералот Огола“, изјави висок офицер на националната полиција.

Засега не се знае каква е состојбата на началникот на армијата и останатите патници.

Кенискиот претседател Вилијам Руто свика итен состанок на Советот за национална безбедност по падот на воениот хеликоптер, соопшти претседателството.

Портпаролот на претседателството преку мрежата X објави дека вечерва во Најроби е свикан итен состанок на Советот за национална безбедност по падот на хеликоптерот на кениските вооружени сили во областа Елгејо-Мараквет, 400 километри северозападно од Најроби.

Тој додаде дека воените функционери биле во таа зона во безбедносна мисија бидејќи војниците на кениските вооружени сили се распоредени во тој регион, каде што дејствуваат бандитските групи.

Огола (61) беше назначен за шеф на воените сили пред помалку од една година, на 29 април 2023 година. Посетувал париско воено училиште и Национален одбранбен колеџ во Кенија, а кариерата ја започнал во април 1984 година во воздухопловните сили. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан