• сабота, 23 ноември 2024

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста"

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста

Кавадарци, 30 март 2024 (МИА) - Во Музеј галеријата во Кавадарци синоќа беше отворена изложбата на скулптури насловена „За послушноста" од академскиот ликовен уметник - вајар Перо Кованцалиев. Изложбата се состои од дваесетина скулптури изработени од бронза, алуминиум и полиестер.

На отворањето, за делата и творештвото на Кованцалиев говореа проф. д-р Васко Шутаров и вишиот кустос Трајче Цветков. 

-Современиот македонски скулптор м-р Перо Кованцалиев, преку композициите од акумулирани ушни школки, поставени во различни формации од концептот „Послушност", е во потрага по изгубениот јавен наратив, за рамнотежа од послушност и непослушност, тој толку потребен баланс - премин, низ кој послушноста се облагородува во творечка самодисциплина, а непослушноста во слобода на мислата и креативниот чин, истакна Шутаров. 

Цветков рече дека во овие дела, Кованцалиев го ослободува обликот што е заробен и удавен во масата, отстранувајќи го вишокот од надворешната облога. 

-Со мултиплицирањето на темите на оваа изложба преточени во полиестер, бронза и алуминиум, авторот се стреми да биде необјективен, па ни дозволува да ги согледаме неговите дела, секој на свој начин. Во исто време, преку овие апстрактно- асоцијативни минијатури, ја балансира послушноста со бунтот и незадоволството. Перо Кованцалиев како мултидисциплинарен ликовен уметник, воден од својата идеја и перцепција за уметноста, ни нуди еден уникатен начин за комуникација во врска со темите за кои твори, како една вечна борба на човекот со потребите, идеалите, совеста и нормативите воспоставени од општеството, додаде Цветков. 

Кованцалиев пред приутните нагласи дека низ овие минијатурни акумулации со асоцијативни формации за послушноста, како индивидуална карактеристика и општествена нужност, се обидува да ја нагласи општествената важност, но и нејзината спротивностст, кои најчесто се видени како хаотични, недооформени, помалку познати и малку прифатени, појасни. 

Уметникот потенцира дека скулптуралните акумулации се овде, да не потсетуваат за нашите човечки слабости, но и за нашите способности, за да го очовечиме човекот во нас.

-Се надевам дека барем една од овие минијатури ќе види светло во јавен простор со монументални димензии. Бидејќи пред се, јас ги гледам овие минијатури, како модели за скулптури во големи димензии, подвлече авторот. 

Изложбата е под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци. свд/фф/

Фото: МИА 

Остани поврзан