• петок, 05 декември 2025

Во Кавадарци одбележан Денот на станушината

Во Кавадарци одбележан Денот на станушината

Кавадарци, 10 мај 2025 (МИА) - Во организација на Здружението ,,Македонски семејни винарии", денеска во Кавадарци беше одбележан денот на станушината, македонската автохтона сорта на грозје, од која се произведува квалитетно вино. 

Во Винскиот музеј за регион Тиквеш, се одржа научна конференција посветена на станушината. Предавања одржаа Весна Мараш од Црна Гора, Томас Брандл од Германија, Дејан Левпувчек од Словенија и македонскиот професор Златко Прцуловски. 

Во еден од рестораните во градот, присутните на манифестацијата имаа можност да дегустираат вина од станушина, проследено со македонска храна и музика.  Манифестацијата се одржа по четврти пат. 

-Мило ми е што познавачи на виното одржаа предавања пред присутните. Ние како мали винарии сме главните промотори на оваа наша македонска автохтона  винска сорта. Многу ми е мило што расте бројот на произведувачи на вино од оваа сорта. Ме радува и тоа што вина од оваа сорта, рамо до рамо со вина од интернационални сорти, освојуваат и награди. Ова наше македонско девојче, како што го викаме, освои главна награда во Белград на Опен  Балкан во категорија на розе вино, беше прогласено за најдобро вино, тоа е виното на винарија Камник. Ме радува и тоа што минатата година токму станушината што порано беше подзаборавена, потценета, се откупуваше за минимална цена, достигна цена од 30, 35 денари па на крајот на бербата и 40 денари за килограм. Мислам дека и производителите на грозје,  го наплатија својот труд. Заеднички со поддршка од надлежните ќе продолжиме и понатаму да ја презентираме и промовираме оваа македонска гордост, македонска принцеза или македонско девојче како што го викаат,  македонското вино и станушината, подвлече Горан Јаковлевски, претседател на здружението. 

Петар Николов, советник за винарство во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, рече дека е ова важен момент за промоција, за негување на автохтоната сорта. Тој се осврна и на поддршката од страна на Министерството. 

-Радува што сортата си го зазема местото што и припаѓа. Секогаш ќе поддржуваме вакви настани, нагласи Николов. свд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан