• сабота, 06 декември 2025

Во Кавадарци одбележани пет години постоење Вински музеј и 140 години од првата винарска визба на Балканот 

Во Кавадарци одбележани пет години постоење Вински музеј и 140 години од првата винарска визба на Балканот 

Кавадарци, 4 септември 2025 (МИА) - Пет години постоење на Вински музеј и 140 години од формирањето на првата винарска визба на Балканот на семејството Велкови, беа одбележани денеска во музејот посветен на виното, за регионот Тиквеш.

- Со огромна чест го прославуваме петгодишниот јубилеј на Винскиот музеј за регион Тиквеш - Кавадарци, кој за овој краток, но, плоден период, успеа да стане место на кое се чува и пренесува долгата винска традиција на нашата земја. Музејот е чувар на спомените, на приказните и на наследството што нè прави горди, наследство што не е само историја, туку и иднина, истакна директорката на Музејот, Елизабета Ристова.

Таа додаде дека со посебна почит се одбележува и еден навистина голем јубилеј.

- Одбележуваме 140 години од основањето на првата винарија на Балканот - „Велкови Тиквеш“. Овој јубилеј не е само бројка, туку сведоштво за генерации луѓе кои со љубов, посветеност и визија ја граделе приказната на тиквешкото вино, претворајќи го во симбол на квалитет, култура и идентитет, потенцираше Ристова.

Во рамките на настанот, беше отворена и ликовната изложба „Приказ на животот преку виното“ на уметницата Данче Наумоска од Охрид, со која таа одбележува 25 години творештво.

- Нејзините дела се повеќе од слики - тие се патување низ боите и формите, низ животот и симболиката на виното како инспирација, како метафора за радост, за љубов и за духовност, нагласи Ристова.

Таа порача, овој ден нека биде потсетник дека Тиквеш и Кавадарци се срцето на винската култура, дека традицијата и современото творештво можат да одат рака под рака и дека токму преку вакви настани, се гради нашата заедничка културна меморија.

Пред присутните се обрати и Стефан Велков, наследник на семејството Велкови, кое ја имало првата винарска визба на Балканот, во Кавадарци.

Тодор Ефремов, секретар во Општина Кавадарци, рече дека со големо задоволство и гордост, се одбележува значајниот јубилеј од постоењето на музејот.

- Овој музеј, сместен во срцето на Кавадарци, е не само сведок на нашата богата лозарска и винска историја, туку и живо потсетување на нашата традиција, култура и идентитет. Во текот на овие пет години, музејот стана центар на културни настани, едукативни програми и туристички атракции, привлекувајќи посетители од сите делови на светот, рече Ефремов.

Притоа, додаде дека со својата автентична поставка, што вклучува традиционални алатки, стари фотографии и документи, музејот нуди уникатно искуство што ја раскажува приказната за нашата лозарска и винска традиција.

Тој подвлече дека се особено горди на соработката со локалните винари и производители, кои со своите производи ја збогатуваат понудата на музејот и ја промовираат квалитетната тиквешка винска индустрија. Преку дегустации и презентации, рече, посетителите имаат можност да се запознаат со разновидноста и квалитетот на нашите вина.

- Како локална самоуправа, продолжуваме да го поддржуваме Винскиот музеј во неговата мисија да ја зачува и промовира нашата винска традиција. Планираме дополнителни инвестиции во инфраструктурата и програмите на музејот, со цел да го направиме уште поатрактивен и достапен за сите посетители, истакна Ефремов.

Тој изрази благодарност до сите вработени во музејот, до винариите и до сите кои со своето учество и поддршка придонесоа за успехот на овој проект.

Денеска беше исполнет и аманетот на Никола Велков, со што стариот традиционален дрвен фрижидер од 1835 година во кој се собирал мраз во кавадаречко во минатото, од ледарите во околината кај липите, се отстапува на трајно користење во музејот. свд/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан