Во Кавадарци изложба „Жените“, изложени дела од Пане Хаџи Василев
- Изложба „Жените“ со дела од Пане Хаџи Василев беше отворена вечерва во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци.

Кавадарци, 4 април 2025 (МИА) - Изложба „Жените“ со дела од Пане Хаџи Василев беше отворена вечерва во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци.
- Оваа вечер отвораме изложба на младиот и талентиран уметник Пане Хаџи Василев. Ова му е втора самостојна изложба во Кавадарци. Насловот „Las mujeres“ или „Жените“ го претставува концептот кој уметникот го развил, инспириран од патувањата, особено од живописната Шпанија, го искористил овој период за да создаде нешто ново, различно од неговите претходни проекти, рече директорката на домот Јулијана Туриманџова.
Како моден дизајнер често се среќавал со жени кои се жалат на нивните телесни форми.
- Лично, како некој кој се стреми секогаш кон совршенство и ред, самиот вели дека може да се поврзе со тие чувства. Но, како уметник, оваа перспектива му овозможува да ги искористи предностите на креативноста и да ги изрази тие несовршености на платното, истакна Туриманџова.
Таа подвлече дека тоа е израз на слободен стил, каде апстракцијата и современата уметност се спојуваат за да го претстават духовниот и физичкиот аспект на жената.
- Изложбата е исполнета со живописни бои. Овој специфичен распоред не се стреми да прикаже совршенство, туку да ја слави уникатната убавина која секоја жена ја носи аспекти на женственоста, дури и во своите несовршености. Оваа изложба претставува современ поглед на тоа како недостатоците можат да се претворат во нешто исклучително и моќно, слободно од граници и правила, посочи директорката.
Притоа додаде дека делата изложени вечерва уште еднаш се доказ за талентот и посветеноста на уметникот на неговиот занает.
Секое парче е прецизно изработено и уметничките дела на оваа изложба се во живописни бои, кои сепак успеваат да го привлечат погледот со своите сложени дизајни кои предизвикуваат размислување. Со бојата, уметникот може да се фокусира на формата, текстурата и композицијата, создавајќи парчиња кои се истовремено суптилни и моќни, истакна Туриманџова. свд/мд/
Фото: МИА