• недела, 22 декември 2024

Во Кавадарци германски претставник изрази задоволство од реализиран проект финансиран од КФВ банка

Во Кавадарци германски претставник изрази задоволство од реализиран проект финансиран од КФВ банка

Кавадарци, 12 септември 2024 (МИА) - Германски претставник денеска изрази задоволство од реализиран проект финансиран од германската КФВ банка во Кавадарци. Брајан Шонеси, главен резидент инженер задолжен за техничкиот дел на проектот, реализација на терен и надзор на изведувачот, 18 месеци бил вклучен во реализација на проектот. Една година по гарантниот рок, денеска се врши финална контрола. 

- Исклучително сум задоволен со квалитетот на градежните работи во рамките на проектот. Задоволен сум од динамиката на изведба. Сето тоа немаше да биде можно без помошта и поддршката од „Комуналец". Целосно сум задоволен од соработката со „Комуналец" и Општината. Претпријатието ни беше постојано на располагање, секогаш брзо реагираше кога имаше потреба од тоа. Активностите  се одвиваа во најдобар ред, рече Шонеси, изразувајќи надеж дека ќе има и многу други проекти со Кавадарци. 

Директорот на „Комуналец", Гоце Ангеловски појасни дека станува збор за трета соработка со банката. Првите две соработки биле со кофинансирање од страна на „Комуналец". Поради целосно успешна реализација на тие проекти, бил одобрен грант од 2.5 милиони евра. 

- Во изминатиот период успешно се реализираа проекти во рамки на Програмата за водовод и канализација на Република Македонија, финансирани од Германска банка за развој КФВ. Интензивно се работеше на повеќе локации во општина Кавадарци. Населба Ваташа, новиот центар на градот, булевар ,,Македонија" и дел од Западен булевар, улиците „Никола Минчев", „Вишешница", „Мито Хаџи Василев - Јасмин", „7 ми Септември", „Вардарска",  дел од село Марена. Приоритет на проектот беше поставување на атмосферска канализација, но каде беше потребно се изведе и фекална но и водоводна канализација.  Изведени беа околу 7,0 километри канализација, фекална и атмосферска, плус водоводна мрежа. Значителен дел од средствата беа искористени и за асфалтирање и поплочување на улиците, додаде Ангеловски. 


Претседателот на Советот на Општината, Стојанче Рамов, од името на локалната самоуправа, се заблагодари на стратешките партнери од Сојузна Република Германија, на партнерите од оваа банка, со кои се има долгогогодишна соработка, околу проекти од фекална и комунална изградба, одвојување на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, поплочување и бетонирање на улици. свд/сст/

Остани поврзан