• четврток, 04 јули 2024

Во израелски напад врз Рафа утринава загинале 12 цивили

Во израелски напад врз Рафа утринава загинале 12 цивили

Рафа, 30 мај 2024 (МИА) - Израелските сили рано утринава убиле најмалку дванаесет Палестинци во воздушен напад врз Рафа, град на самиот југ од Појасот Газа, објавија палестинските здравствени служби.

Израел ја продолжува офанзивата на Рафа, еден ден откако објави дека воспоставил контрола над тампон зоната во близина на градот, на границата со Египет, со што воспоставил контрола над целата граница на палестинската енклава.

Израел тврди дека ја запрел рутата што ја користеле исламистичките милитанти за шверц на оружје во Газа за време на речиси осуммесечната војна, во која е уништен голем дел од територијата.

Здравствени извори во Газа објавија дека дванаесетте Палестинци биле цивили, додека во втор напад биле повредени неутврден број други цивили, при обид да ги извлечат телата на жртвите во центарот на Рафа.

Уште еден палестински цивил е убиен во воздушен напад врз бегалскиот камп Ал Шати, западно од градот Газа, во северниот дел од енклавата.

Израел извести за судири низ целата енклава, но допрва треба да ги коментира извештаите за загинатите во Рафа, градот во кој се засолнија стотици илјади Палестинци, претходно избегани од другите делови на Појасот Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан