• петок, 05 декември 2025

Во Земјоделското училиште во Кавадарци наградени учениците кои произвеле најквалитетни вина во домашни услови

Во Земјоделското училиште во Кавадарци наградени учениците кои произвеле најквалитетни вина во домашни услови

Кавадарци, 2 декември 2025 (МИА) - Награди за најквалитетни вина произведени во домашни услови, добија денеска неколкумина средношколци во Кавадарци во рамките на манифестацијата „Младо вино“, што традиционално се одбележува при крајот на секоја година во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата. 

Директорката на средното земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“, Ратка Росомански потсети дека станува збор за традиционален и многу значаен настан. 

- Овој настан е повеќе од училишна манифестација - тој е празник на нашата локална традиција, на семејните вредности и на трудот што го негуваме со генерации. Годинава, учениците донесоа примероци од домашно произведени семејни вина, создадени во нивните семејства, што ја чуваат и пренесуваат лозарската традиција од колено на колено, истакна Росомански.

Таа нагласи дека наградените вина се произведени во домашни услови, а учениците во нив ги вградуваат семејната традиција што од дамнина се негува во овој крај, со знаењата стекнати низ теоретската и практичната настава во училиштето. 

- Денес со гордост ја претставуваме и училишната линија на вино, изработена во нашата училишна винарија, од грозје од лозовите плантажи на училиштето. Со голема посветеност, под раководство на професорите, учениците учествуваа во секој чекор на изработката од бербата, преку технологијата на преработка, до финалното претставување. Овие примероци се изложени тука пред вас, како доказ за тоа какви практични знаења и вештини стекнуваат нашите ученици. Тоа е нашата заедничка гордост, подвлече директорката. 

Таа додаде дека особена чест им е што сите вина и семејните и училишните, ги оценија еминентни енолози, од Здружението на енолози на Македонија.

- Нивното стручно мислење претставува голема вредност и силна мотивација за младите. Сакам од срце да им се заблагодарам и на нашите пријатели од Музеј-галерија Кавадарци, кои подготвија прекрасна изложба што денес го разубавува просторот на училиштето. Со тоа успеавме да споиме образование, култура и традиција во една убава целина, додаде Росомански.

Таа рече дека се наградуваат најуспешните примероци, но, се слави и трудот на сите ученици, нивните семејства и професорите. 

- Честитки до сите, за вложената работа, за ентузијазмот и за желбата да се зачува и унапреди лозарско-винската традиција на нашиот крај, нагласи Росомански. 

Таа потсети дека целта на ваквите настани, меѓу другото, е, да се нагласат вештините на учениците, кои, подоцна во животот, благодарение на тие вештини и знаења, може да отворат свои семејни бизниси. 

- Впрочем, тоа е и мотото на училиштето. Денеска ученик, утре стручњак. А, голем број од нашите ученици, подоцна се докажани кадри во своите професии, како истакнати стручњаци, но и како сопственици на семејни бизниси, посочи директорката во изјава за МИА. 

Во ова училиште, освен земјоделски и шумарски смерови, од пред неколку години има и фармацевтска струка, спортска академија, а од годинава и медицинска струка. 

Во овој период од годината, во Тиквешко како најголем лозаривинарски регион во државата, се организираат бројни настани посветени на младото вино. Притоа се нагласува дека во ова време од годината се оценуваат младите вина, за да се види нивниот потенцијал, какви ќе бидат кога ќе созреат. За вината што денеска беа дегустирани, беше кажано дека имаат огромен потенцијал. свд/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан