• понеделник, 23 декември 2024

Во Делчево се одбележува денот на патроните на градот, Св. Кирил и Методиј

Во Делчево се одбележува денот на патроните на градот, Св. Кирил и Методиј

Делчево, 23 мај 2022 (МИА) - Во Делчево започнаа активностите по повод одбележувањето на 24 Мај, Ден на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, кои се патрони на градот Делчево.

Настанот започна со подготвен видеоперфoрманс за животот, делото и значајната улога во развојот на словенската писменост на светите браќа Кирил и Методиј како заедничка тема на Јавната локална библиотека „Илинден“ и ученици од Средното општинско училиште „Методија Митевски-Брицо“.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Биљана Петровска, зборувајќи за идејата за подготовка на перформансот потенцираше дека учениците од СОУ „Методија Митевски-Брицо“ успеаја да го доловат ексклузивното значење на дејноста на словенските просветители.

- Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа, говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, а овие светители се и патрони на Делчево. Посебно радува фактот што овие млади делчевци кои учествуваа во перформансот како гласноговорници на својата генерација, со својот труд дадоа несебичен придонес уште еднаш да се потсетиме и да го нагласиме значењето на сесловенските просветители, рече Петровска.

Во рамките на одбележувањата беше отворена и изложбата од 25-та по ред Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци - Михајлово 2021“ на која беа изложени дела од дваесетина автори од земјава и странство. 

- Љубителите на ликовната уметност во Делчево ќе имаат можност да се запознаат со делата од Меѓународната ликовна колонија, каде учество зедоа ликовни уметници од земјава, но и од Турција, Бугарија, Србија, и други. Изложбата е во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци, рече директорот на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“.

Празнувањето на 24 Мај - Ден на светите браќа Кирил и Методиј утре ќе продолжи со Светата архијерејска литургија и традиционалната Литија од црквата „Св. Наум“ до параклисот „Св. Климент Охридски“ во дворот на СОУ „Методија Митевски-Брицо“, каде ќе се пресече славскиот колач, додека в четврток, концерт ќе одржи дуото „Дуо Скупи“ - македонски звуци на флејта и виолина, настан финансиски поддржан од Министерство за култура на РСМ. вс/ар/

Остани поврзан