• сабота, 09 ноември 2024

Во Делчево почнаа активностите од проектот „Мотивационо градинарство во склад со природата“

Во Делчево почнаа активностите од проектот „Мотивационо градинарство во склад со природата“

Делчево, 31 август 2023 (МИА) - Здружението на производители на органски производи „Аронија“ од Делчево започна со имплементација на проектот „Мотивационо градинарство во склад со природата“. Проектот со остварување на предвидените активности и постигнатите резултати има за цел да мотивира производство на сопствена био храна на зелените имоти и балконите.

Активностите, како што информираше координаторот на проектот Фиданчо Христов се во насока да се придонесе во подобрувањето на здравјето и работната способност на производителите и консументите на био храна. 

- Мотивациско градинарство во склад со природата е иновативен пристап во производството на био храна во кој сопствениците на зелени имоти ги користат природните ресурси за исхрана, прехрана и биолошка заштита на растенијата. Мотивационото градинарство е континуирано производство на био храна со повеке турнуси во текот на годината, а тоа придонесува сопствениците на зелените имоти дапроизведат доволно био храна за своите потреби, додека вишокот да го продаваат на локалниот пазар, истакна Христов.

Сите активности на проектот, како што додаде, ќе бидат снимени и ставени на веб -страницата на здружението, а предвидено е и изработка на прирачник со рецепти за биолошка заштита и прехрана на растенијата. Христов потенцира дека една био бавча од 100 м2 со перма култура може да даде храна за 500 м2 кога се работи на традиционален начин, а во таа насока како главни активности преку кои ќе се остварат овие цели се реализирање на две иновативни технологии за производство на био храна на зелените имоти и балкон градинарството.

-Исто така предвидено е изработка на 10 проекти за производство на био храна, производство на био храна на 10 зелени имоти и одржување на 7 онлајн едукации за производство на био храна со биолошки методи. Ќе бидат изработени и поставени 10 контејнери за собирање на растителен отпад, кој ќе се употребува за производство на био храна, а ќе бидат испечатени и флаери за мотивација како да се отпочне со сопствено производство на био храна, рече Христов, потенцирајки дека производството на сопствена био храна е еден вид индивидуален отпор на хемиската идустрија за намалување на употребата на хемиските средства во земјоделството.

По завршување на проектот на една од фармите ќе продолжат да се одржуваат обуки заедно со менторот на други заинтересирани сопственици на зелени имоти, се со цел да се зголеми бројот на лица кои ќе ги применуваат биолошките методи во производството на био храна. 

Проектот е со времетраење до 22.02.2024 година и е финансиски поддржан од Европската Унија/Техничка помош за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија. вс/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан