• недела, 22 декември 2024

Во Делчево одржани 26-Голачки фолклорни средби (КРГ)

Во Делчево одржани 26-Голачки фолклорни средби (КРГ)
Делчево, 14 август 2021 (МИА) - Во Делчево одржано одложеното 26-издание на Голачки фолклорни средби. Поради пожарите и забраната за движење во шума, манифестацијата годинава се одржа во градскиот парк во Делчево, каде публиката имаше можност да го проследи настапот на неколку фолклорни групи и Културно-уметнички друштва од Источниот регион.
Организатор на настанот беше Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров", чиј директор Методи Толевски изрази задоволство од посетеноста и кореографиите со кои се претставија учесниците.
-Импресивно, играорците се покажаа во најдобро светло, посебно морам да ги пофалам нашите играорци кои два месеци макотрпно работеа на кореографиите. Не очекував дека публиката ќе дојде во толкав број и се надевам дека догодина ситуацијата ќе се смири и Голачките фолклорни средби ќе се вратат на планината Голак, каде им е местото и секако ќе се одржат во редовниот термин 8 спроти 9 август кога се слави празникот ,,Св.Пантелејмон", рече Толевски.
На настанот меѓу останатите учесници со своја кореографија се претставија и фолклористи при Центарот за култура „Бели Мугри“ од Кочани, чиј в.д директор Ана Поп Михаилова изрази задоволство што биле дел од оваа реномирана манифестација.
-Драго ми е што сме дел од Голачките фолклорни средби и се надевам дека во годините пред нас, оваа соработка со Центарот за култура од Делчево ќе продолжи за настани од ваков вид, рече Михаилова.
На Голачките фолклорни средби покрај домаќинот Фолклорната група ,,Н.Ј.Вапцаров" од Делчево и Фолкорната група при Центарот за култура ,,Бели Мугри" од Кочани свои настапи имаа и членови на Фолклорната група „Копачка", музичката  група при Здружението на пензионери од Делчево, Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ" од Македонска Каменица и Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов" од Оризари, Кочани. вс/лв/

Остани поврзан