• среда, 27 ноември 2024

Во Делчево без проблеми тече вакцинацијата против Ковид-19

Во Делчево без проблеми тече вакцинацијата против Ковид-19
Делчево, 2 април 2021 (МИА) - Во Делчево без проблеми тече вакцинацијата против Ковид-19. Директорката на делчевскиот здравствен дом „Гоце Делчев“ информира дека пријавените граѓани доаѓаат навреме и очекува во најдобар ред да се вакцинираат предвидениот број лица за вакцинирање.
-Денеска почнавме со вакцинација против Ковид-19. Имаме подготвени екипи, организирано е како што треба, се држи дистанца, имаме медицински сестри надвор да се одржува ред. Нема застој, тие што ќе стигнат пред време, чекаат на растојание, се држи дистанца. Досега сите што се закажани се вакцинирани. Тоа се луѓе над 77 години. Се оди во ред како што треба, истакна Марија Глигоровска.
Во здравствената станица во Македонска Каменица, како што информира директорката, вакцинацијата започнува во попладневните часови.
-Поради смена на лекарите во Македонска Каменица со вакцинација почнуваме од 15 часот. Поради тоа што немаме доктор на вакциналниот пункт, таму ќе се врши вакцинација попладне. Вкупно 100 лица кои се пријавени кај своите матични лекари, ќе вакцинираме во Македонска Каменица, додека во Делчево ќе бидат вакцинирани 200 лица, изјави Глигоровска.
Граѓаните кои ја примија вакцината велат дека добро се чувствуваат и порачаа и останатите да го сторат тоа.
-Јас сум од Габрово, татко сум на медицинско лице. Ме прашуваат зошто се вакцинираш. Јас им велам ќе ставам вакцина, каква е, таква е. Порачувам да се вакцинираат сите оти тоа не е само во Македонија, вакцина ставаат во цел свет, вели пензионерот Митко Стоиловски.
Пензионерот Ѓорѓи Тасевски ја примил вакцината, иако, како што вели, има контрадикторни информации.
- Не збунуваат на телевизија. Сега кажаа Америка ја исфрла „АстраЗенека“, а ние едвај чекаме некој да ни даде нешто. Малку е контрадикторно, но и покрај тоа ја примив вакцината, па како ќе биде понатаму, ќе видиме, вели Тасевски.
Од делчевскиот здравствен дом информираат дека претходно со првата пратка вакцини од Србија вакцинирани се 40 медицински лица од Делчево и М.Каменица. вс/бак/

Остани поврзан