• понеделник, 23 декември 2024

Во Дебар отворен фестивалот "Албански театар во Македонија"

Во Дебар отворен фестивалот

Дебар, 24 септември 2023 (МИА) - Со претставата "Лет над албанскиот театар" во режија на Ерсон Зимберај, а во изведба на албанскиот театар од Куманово, синоќа  во Центарот за култура во Дебар почна 22. издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“.

Пред многубројната публика се обрати директорот на фестивалот Илбер Нуредини, кој манифестацијата ја прогласи за отворена. Како што рече Нуредини со изборот на претстави и ова издание убеден е дека ќе ја потврди својата успешност.

-Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и придонесоа во подготовката, организацијата и одржувањето на фестивалот. Посебна благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, Општина Дебар, Центарот за култура и други донатори со чија поддршка фестивалот опстојува. И овој пат, ќе го повторам барањето што со години наназад го поставувам, фестивалот да се институционализира и искрено се надевам дека конечно ќе биде реализирано, зашто Дебар го заслужува тоа, рече Нуредини.

Министерството за култура, годинава одобри 900 илјади денари, додека Општина Дебар, оваа манифестација ја поддржа со 370 илјади денари.

Во следните шест фестивалски вечери ќе се претстават театри и групи од Северна Македонија, Албанија и од Косово, од кои една претстава е вон конкуренција. На последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка.

Утре пред публиката ќе се претстави тетовскиот театар со претставата "Народен непријател" во режија на Арбен Кумбаро. вт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан