• недела, 22 декември 2024

Во Германија поради штрајкови минатата година изгубени повеќе од 1,5 милиони работни денови

Во Германија поради штрајкови минатата година изгубени повеќе од 1,5 милиони работни денови

Берлин, 20 јуни 2024 (МИА) - Бројот на изгубени работни денови поради штрајкови во Германија двојно се зголеми во 2023 година споредено со претходната година и достигна повеќе од 1,5 милиони, објави денеска студијата на Институтот за економски и општествени науки.

Оваа организација посочува дека кризата на трошоците за живот и скокот на инфлацијата по пандемијата и војната во Украина предизвикаа бран од над 300 штрајкови во Германија, со навестување дека бројката оваа година може да биде уште поголема, што ќе зависи од исходот на синдикалните преговори во металната и енергетската индустрија наесен.

Студијата вели дека 1,52 милиони работни денови изгубени минатата година биле најмногу од 2015 година и зголемување од 126 отсто во однос на нивото од 2022 година. Бранот штрајкови на почетокот на годината ги зафати железницата, транспортот, аеродромите и авиокомпанијата „Луфтханза“, а се совпадна со протестите на земјоделците и буџетската криза.

Според Институтот, Белгија забележала најмногу изгубени работни денови на 1.000 вработени поради штрајкови, со просек од 103 дена помеѓу 2013 и 2022 година, а потоа следат Франција и Финска со 92 и 90 дена соодветно. Германија е на осмото место, зад Британија, според студијата. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан