• сабота, 23 ноември 2024

Во Вински музеј Кавадарци хуманитарна изложба ,,Од дете за дете"

Во Вински музеј Кавадарци хуманитарна изложба ,,Од дете за дете

Кавадарци, 7 септември 2023 (МИА) - Со хуманитарна изложба „Од дете за дете“, во соработка со Здружението на ликовни уметници „Роднокрајци“ Винскиот музеј за регионот „Тиквеш“ во Кавадарци, денеска одбележа три години постоење. Настанот што е дел од традиционалната стопанско - културна и туристичка манифестација „Тиквешки гроздобер 2023 година“, беше збогатен со музичко забавен дел и дегустација на вина од богатата палета на вина од музејската поставка. 

Близу 11  илјади посетители го посетиле винскиот музеј Кавадарци за три години постоење на оваа културна установа, што ги промовира културата, историјата и традицијата на лозарството и винарството во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата. Директорката Весела Честоева,  информираше дека околу четири илјади посети имаат евидентирано последнава година, до септември, што е, како што нагласи,  за поздравување. Гостите се од земјава и странство. 

- Во овој период од година дена имаме организирано триесет настани што го привлекуваат вниманието на пошироката јавност. Во делот на инвестициите,  на Музејот во изминатата  година со одлука на Советот на општината Кавадарци, на трајно користење му беа доделени две подружници и тоа градската винотека и туристичкото информативно биро, со што дејноста на музејот се прошири и во делот на трговијата и услугите. Имено,  музејот сега на пазарот излегува и со продажба на вино од богатата палета на вино на малите семејни винарии, со што како правен субјект успеавме да ги задоволиме предизвиците кои сами по себе се наметнаа од страна на посетителите, појасни Честоева. 

Таа се заблагодари  за поддршката, до кавадаречкиот градоначалник и локалната самоуправа. 

- Традицијата и обичаите не смееме да ги заборавиме и оставиме зад нас, секогаш треба да ги носиме со себе и да ги предаваме пред себе, бидејќи тие се дел од нас и се наше обележје, наше битие кое треба со гордост да го негуваме, рекоа од „Нова цивиста“. 

Средствата собрани од хуманитарната изложба, ќе бидат донирани. свд/аа/

Фото : МИА

Остани поврзан