• понеделник, 23 декември 2024

Во велешката касарна свечена заклетва на 292 професионални војници

Во велешката касарна свечена заклетва на 292 професионални војници

Велес, 23 февруари 2024(МИА) - Со воена свеченост во Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес денеска свечена заклетва дадоа 292 новопримени професионални војници на служба во Армијата, меѓу кои 28 жени. 

На денешната свечена заклетва на професионалните војници присуствуваа: заменик-министерот за одбрана  Тирон Јајага, заменикот-началник на Генераштабот на Армијата генерал - мајор Азим Нуредин, аѓутантот на Врховниот командант на Вооружените сили полковник Билјана Блажеска, командантот на Командата за обука и доктрини полковник Васко Коколански, командантот на логистичка база полковник Мухарем Мухареми, команданти на командите и единиците на Армијата и роднини и пријатели на новопримените професионални војници.

Заменик-началникот на Генераштабот на Армијата генерал - мајор Азим Нуредин во своето обраќање посочи дека да се носи униформата на Армијата претставува синоним за одговорност, пожртвуваност, посветеност и лојалност кон татковината.

-Вие сте дел од гордата традиција која опфаќа генерации, поврзани со заедничка цел и заедничко чувство на должност, им порача Нуредин. Им ја честита свечено дадената заклетва и им посака добро здравје и успешен професионален развој.

Полковникот Васко Коколански истакна дека војничката професија претставува огромна жртва, голема одговорност, но исто така и огромна чест. 

- Да се носи униформа на земја членка на НАТО Алијансата е дополнителна одговорност и исклучителна привилегија активно да се учествува во градењето и јакнењето на системот на колективната одбрана и безбедност. На крај ви честитам за свечениот чин и ви порачувам дека вие  сте столбот врз кој се базира силата и волјата на Армијата, истакна Коколански.

На професионалните војници им се обрати и заменик-командантот на Центарот за индивидуална обука капетан Лазар Хаџиев, кој истакна дека тие како млади луѓе сега се поставени пред предизвикот да се биде професионален војник во составот на Армијата. Желбата за тоа, како што рече, е доказ за достигната зрелост на личноста. Додаде дека  главен предизвик во наредните три месеци ќе биде да се совладаат предвидените содржини од обуката

Во претстојните три месеци  новопримените професионални војници ќе се соочат со предизвици кои се дел од основна борбена обука, а ќе се оспособат со ракување со личното вооружување и опрема и правилно применување на тактиките, техниките и процедурите при извршување на борбени задачи. ад/мд/
 
 

 
 

Остани поврзан