• петок, 22 ноември 2024

Во Велес одбележан Свети Пантелејмон заштитник-патрон на градот

Во Велес одбележан Свети Пантелејмон заштитник-патрон на градот

Велес, 9 август  2024 (МИА) - Општина Велес и Епархијата Повардарска во соборниот храм на Епархијата Повардарска „Свети Великомаченик Пантелејмон“ во Велес во присуство на голем број граѓани православни верници  синоќа со богата програма го одбележа денешниот празник Свети Пантелејмон заштитник на Велес и велешани.

Во предвечерието на денот  патрон и заштитник, во храмот посветен на него  митрополитот Повардарски Агатангел  одржа вечерна богослужба која не потсети на возвишените цели на животот.

Чествувањето го збогатија младите од МДПС „Премиера“ со свој поетски перформанс и „Тринити Стрингс“ чии тонови милозвучно одекнаа во дворот на црквата.

Градоначалникот Марко Колев потсети дека  низ годините Велес и велешани  го чествува Светецот Пантелејмон како патрон - заштитник на градот, кој ги чувал во многу несреќи и тешки времиња и им давал сила да продолжат понатаму.

Тој им порача на своите сограѓани да го следат  примерот на исцелителот Пантелејмон  и да  бидат богоугодни, а милоста, љубовта и трпението да ги  облее за исцеление на душите и телата.

Црквата „Св.Пантелејмон" - раскошно ремек дело надвисната е високо на еден од ридовите на Велес. Изградена во далечната 1840 година од познатиот неимар Балкански  градител на цркви Андреа Дамјанов од велешкото селото Папрадиште, заедно со неговата тајфа на градители, оваа црква пркоси на класичните базилики, внатрешно со богати иконостаси, дрворези. Црквата има  прекрасна акустика поради вградените грнчарски производи во ѕидовите,како и користење на лушпи од јајца во малтерот, поради што многу стручњаци за  акустиката ја споредуваат со  Миланската скала. ад/дма/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан