• понеделник, 23 декември 2024

Во Брисел отворена изложба на Киро Урдин насловена „100 мали слики“  

Во Брисел отворена изложба на Киро Урдин насловена „100 мали слики“  

Брисел, 25 јануари 2024 (МИА) – Во галеријата „Марк Минјау“ во центарот на Брисел вечерва беше отворена изложбата на мултимедијалниот македонски уметник и филмски режисер Киро Урдин под наслов „100 мали слики“, која ќе трае до 4 февруари. 

Станува збор за инсталација што ги соединува цртежот и сликарство, која подоцна ќе биде поставена и во изложбени галерии во Њујорк и Токио. 

Како што изјави Урдин главната идеја на изложбата „100 мали слики“ во маслена техника собрани во една инсталација, како подвижна слика, е што таа може да се разместува, компонира и декомпонира и притоа внатрешно да ја менува својата композиција, содржина и експресија.  

- Цртежите се изработени во три временски периоди од времето на моите инспирации во Лос Анџелес, Њујорк и Мајами, за време на мојот престој во резиденцијата „Ел Еспасио 23“ на музејот „Перез“, додека во другиот дел од изложбата се наоѓаат слики реализирани за време на Ковид пандемија, која предизвика невидени човечки турбуленции во поновата историја на светот. Тие слики главно ги изработив во Белгија, а некои во Франција и Африка, изјави Урдин. 

Тој додава дека оваа инсталацијата претставува некој вид соединение меѓу цртежот и сликарство во некоја субјективна форма каде што слободата се гледа повеќе во структурата, отколку во формата. 

- Човекот е жива енергија која понекогаш може да остане инертна или може да се „разбуди“ во одредени околности. А што точно може да ја активира таа „сила“ никој не знае. Си дозволувам да ја раскажам мојата мала приказна за тоа како ја започнав оваа изведба - 500 слики во масло, мал формат. Почнав, но самиот не знам како почнав! Таму, случајно, без желба, без размислување, без планирање, со расфрланите хартии, бои и четки на подот едноставно сликав, се присетува Урдин. 

Според него, како што јави допсиникот на МИА од Брисел, така тркалото почнало да се движи, како капки што паѓаат од чаша што се полни, направените слики ја одредувале судбината на процесот. 

- Заедно со сликите се родив и јас, додека пандемијата беснееше однадвор. Човечкиот живот беше како сноп пченица што безмилосно го жнееше пандемијата. Дури и најсрдечните луѓе станаа странци. Глобалниот човек почна да се плаши од глобалната сенка на смртта. Така, бев затворен во моето студио, како праисториски човек во неговата темна пештера. Единствениот дијалог го имав со расфрланите хартии, бои и четки и така ги насликав, додаде Урдин.  

Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Во 1969 година дипломирал на Правниот факултет во Белград, по што работи како новинар. Во 1973 година заминува за Париз каде две години студира на Академијата за пластични уметности, а потоа во 1977 година и дипломира режија на Париската филмска академија. 

Од 1982 до 1984 година работи како независен сликар во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и Тајван. 

Професионално слика од 1985-та, а веќе од следната година почнува со изложување на своите дела. Меѓу останатите градови изложувал и во Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм, Братислава...

Во 1988 година, Урдин заминува во САД, каде во Њујорк и Холивуд режира четири филма. 

Негово најпознато дело е „Планетариум“, масло на платно на површина од 48 квадратни метри, кое е резултат на неговото двегодишното патување од 1996 година низ целиот свет на локации како Ѕидот на плачот и Гробот на Исус Христос во Ерусалим, Њујорк, Берлинскиот ѕид, скопско Нерези, Охрид, Брисел, Кноке-ле-Зауте, Бриж, Париз, Рим, Помпеја, Пиза, Лондон, Стоунхенџ, Атина и Ртот Сунио во Грција, Суецкиот канал, Нил и Пирамидите во Гиза во Египет, Масаи Мара во Кенија, Мачу Пикчу, Куско, Бангкок, Забранетиот град во Пекинг, Кинескиот ѕид, Токио, Камакура, Мон Сен Мишел, Нуенен и Ајндховен. Сликата е изработена така што Урдин ја доработува на секоја нова локација што ја посетувал. 

Сликата “Планетариум“, која како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметнички дела во ликовниот правец мондидализам, е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант „Њувејс Електроник“ во холандскиот град Ајндховен. 

За изработката на ова дело е снимен и документарен филм со истиот наслов „Планетариум“ во режија на Иван Митевски, кој е добитник на наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот независен филмски фестивал во Њујорк во 2005 година. Заедно со филмот е објавена и монографија со фотографии направени за време на двегодишното патување на Урдин. 

На иницијатива на кореографката Деби Вилсон, „Планетариум“ беше презентиран и преку танц, за кој музиката ја компонираше Венко Серафимов. Премиерата на танцот „Планетариум“ се одржа во Танцовиот театар во Торонто, а потоа тој беше изведен и во Охрид, Хераклеја, Скопје, Чикаго, Анкара, како и во Женева на одбележување на 60-годишнината од формирањето на Обединетите нации. 

Во 1997 година Урдин ја претставуваше земјава во Солун, која таа година беше културната престолнина на Европа. 

Покрај со сликарство, Урдин се занимава и со режија и пишување, при што досега има режирано неколку краткометражни филма и објавено 15 книги со афоризми и една поетска збирка. Покрај тоа. Тој ги илустрирал и книгите „Борби за Европа“ на Жак Делор и „Моите најубави победи“ на Анатолиј Карпов. сп/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан