• сабота, 06 декември 2025

Во Битола се одржа информативна сесија за бесплатна правна помош

Во Битола се одржа информативна сесија за бесплатна правна помош

Битола, 13 мај 2025 (МИА) - Во Битола се одржа информативната сесија „Граѓанска регистрација и бесплатна правна помош – бидете видливи, регистрирајте се!“, организирана од заеднички проекти на ЕУ и Совет на Европа за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош во Северна Македонија и интеграција на Роми.

Секој граѓанин треба да знае дека има право на бесплатна правна помош, а во Битола таа е обезбедена во подрачното одделение на Министерството за правда во Битола, во две регистрирани и овластени здруженија на граѓани кои може да дадат бесплатна правна помош, како и правната клиника при Правниот факултет во Битола, изјави Андријана Марковска, консултантка на Совет на Европа.

-Нашата цел е промовирање на процесот за граѓанска регистрација и важноста на документите за граѓанска регистрација и користење на услугите на бесплатна правна помош. Секој граѓанин треба да знае дека има право да добие бесплатна правна помош која ја има во два вида, односно примарна правна помош која е достапна за секој граѓанин и овозможува правен совет, правна информација, упатување, пополнување на определени формулари и обрасци, додека пак преку секундарната правна помош се обезбедува адвокат за судски постапки, и неговиот ангажман е на сметка на државата. Секундарната правна помош најчесто ја користат социјално ранливи лица кои не се во состојба финансиски да си обезбедат адвокат што ќе ги штити нивните права и интереси, истакна Марковска.

Промотивниот настан во Битола се одржа во соработка со македонско Здружение  на млади правници од Скопје, Министерство за правда, овластени здруженија на граѓани кои изведуваат бесплатна правна помош и овластени правни клиники регистрирани за бесплатна правна помош.

Караванот оваа недела ќе продолжи во Куманово, Тетово и Гостивар каде во тамошните општини ќе се понудат информации за граѓаните за тоа каде и како може да ја добијат бесплатна правна помош. мт/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан