• понеделник, 23 декември 2024

Во Битола отворен младински центар „МладиХаб“

Во Битола отворен младински центар „МладиХаб“
Битола, 28 април 2022 (МИА) - Британската амбасадорка Рејчел Галовеј и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски промовираа нов младински центар „МладиХаб“, кој ќе служи за работа, вмрежување и организирање активности за младите од регионот. Според амбасадорката Галовеј, новиот младински центар во Битола на младите ќе им овозможи да се здобијат со вештини и компетенции што ќе ги направат поподготвени за наоѓање работа. - Неусогласеноста на квалитетот во образованието со потребите на пазарот на труд се сметаат за главна причина за големата невработеност кај младите која сеуште е една од највисоките во Европа. Младите имаат неограничени можности за да учат и да ги практикуваат своите вештини во реалноста, но ним им требаат можности да се ангажираат со компаниите и бизнисите за да може да стекнат искуство од реалниот свет, посочи амбасадорката Галовеј на свеченоста во Битола. Таа најави дека британската поддршка на вакви проекти ќе ја дава и новиот амбасадор кој наскоро ќе ја замени во земјава. Јавна и логистичка поддршка на младинскиот центар „МладиХаб“ даде Општина Битола отстапувајќи простор во урбаната заедница „Велко Влаховиќ“. -Како локална самоуправа континуирано работиме за изнаоѓање начини за поддршка и мотивација на младите, а со цел задржување на младите во нашата Општина. Обезбедивме простор каде што ќе се подготвуваат младински програми посветени на социјалниот и професионалниот живот на младите. Но, ова ќе биде и место за информации од важен интерес за младите затоа што инвестирањето во образованието и можностите за новите генерации е инвестирање во иднината, истакна градоначалникот Коњановски. Младинскиот центар „Млади Хаб“ во Битола како проект е креиран од Националниот младински совет на Македонија и локалната невладина организација „Сфера“. мт/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан