• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Бигорски пристигна изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса

Во Бигорски пристигна изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса

Дебар, 10 април 2025 (МИА) - Во  Свештената бигорска Обител денеска  пристигна верна изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса (Слаткољубива, или Умиление), којашто се чува во светогорскиот манастир Филотеј. 

Иконата од Солун ја донесе лично  епископот Антаниски г. Партениј, и таа беше пречекана со срдечна радост, со тропари и воспеви посветени на Царицата Небесна. 

-Нашиот возљубен Старец, заедно со монашкото братство и притекнатите верници, со неизмерна радост и благоговение ѝ приредија свечен пречек на оваа свештена икона, чијашто тивка мајчинска милост и сладост го исполнуваше воздухот во Бигорски и се чувствуваше длабоко во душите на сите, рече за МИА, отец Кирил.

Според него иконата, идентична реплика на првообразната Гликофилуса од Света Гора, е дело на реномираната црковна работилница на г. Јоргос Триандопулос од Солун, насликана од зографот Антониј Карапетјан и рачно украсена со сребрен оков, позлата и полудраги камења. 

-Дарител на оваа прекрасна икона е едно благочестиво христољубиво семејство, чиишто членови сакаа да останат анонимни. Овие благословени души, знаејќи ја огромната синовска љубов што нашиот Старец ја негува кон Мајката Царица, посакаа да му ја подарат оваа драгоцена светиња, за нивно духовно здравје и вечен спомен, како и за благодатна поткрепа на нашето монашко братство, посочи отецот.

По свечениот пречек на иконата, владиката Партениј во своето кусо обраќање, рече дека "оваа благодатна посета на Пречистата Владичица наша за којашто сме сведоци сега, на крајот од Великата Четириесетница, е утеха и потврда дека Царицата на ангелите не нè остава". 

-Таа, како најнежна Мајка, доаѓа да го допре срцето наше, да го омекне со сладоста на своето родителско милување, да ја влее во нас тивката сила на надежта.  Прегрнувајќи ја денес нејзината света икона, ние се сместуваме во нејзините прегратки, оти Таа е Која ги зема нашите солзи, нашите радости, нашите таги и воздишки и ги принесува пред лицето на Синот свој и Бог. И потоа, за возврат ни ги носи Неговите прошка и милост, рече меѓу другото владиката.

Посака нејзините молитви „да нè подготват за добар и богоугоден вход во најсветата Страсна Седмица, за достојно да застанеме пред Крстот Христов, да се сораспнеме со Господа и да ја дочекаме со радост славната Пасха Господова – Воскресението Христово“.

Новопристигнатата свештена икона на Пресвета Богородица Гликофилуса ќе биде изложена за поклонение на празникот Цветници во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар. вт/дма/


Фото: Бигорски манастир

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан