Во албанското МЕНР повикан српскиот амбасадор во врска со изјавата на вицепремиерот Вулин
- Во соопштението на МЕНР сe наведува дека " провокативната изјава на српскиот функционер е спротивна на духот на односите и не е во служба на мирот и стабилноста во балканските земји".
Тирана, 15 мај 2024 (МИА) - Амбасадорот на Република Србија, во Тирана, Слободан Вукчевиќ, вчера беше повикан во Министерството за Европа и надворешни работи, каде од него беа побарани појаснувања во врска со изјавите што ги даде српскиот вицепремиер Александар Вулин кои се однесуваат на посетата на премиерот Еди Рама и средбата со албанската дијаспора во Грција, јави АТА.
Во соопштението на МЕНР сe наведува дека " провокативната изјава на српскиот функционер е спротивна на духот на односите и не е во служба на мирот и стабилноста во балканските земји".
Оттаму посочуваат дека Албанија е важен фактор што "работи и придонесува за мирот и безбедноста во нашиот регион и тоа е во основата на соработката и со Србија“.
„МЕНР очекува итна рефлексија, со цел ваквите штетни, повторени изјави, да не влијаат на нашите односи кои треба да бидат ориентирани кон добрососедство и европска интеграција“, се заклучува во соопштението на албанското министерство.
Коментирајќи ја средбата на Рама со албанската дијаспора во Атина српскиот вицепремиер, Александар Вулин, меѓу другото рекол дека „Голема Албанија“ можат да ја спречат само Србите и Грците.
-Следниот пат кога Владата на Грција ќе размислува за признавање на Косово, нека се сетат како изгледа пречекот на Еди Рама среде Атина. Она што Рама не можеше да го доживее во Тирана, го доживеа во Атина, изјавил Вулин.
Тој оценил дека признавањето на Косово и приемот на Приштина во Советот на Европа, би биле неизмерен придонес на Владата на Грција и Дора Бакојани за создавање на "Голема Албанија.
Според него "Голема Албанија" можат да ја спречат само Србите и српскиот свет, но и Грците. вт/сд/
Фото: МЕНР