• вторник, 07 април 2026

Во акција за подигнување фрлени отпадоци на патот Лешок–Варвара собрани пет тони отпад 

Во акција за подигнување фрлени отпадоци на патот Лешок–Варвара собрани пет тони отпад 

Тетово, 6 април 2026 (МИА) - Националниот парк Шар Планина информира дека во неделата била спроведена акција со цел подигнување на отпадоци фрлени долж патот Лешок-Варвара во Општина Теарце. Според нивните сознанија собрани се пет тони отпад. 

-Вчера не беше само акција за чистење - беше прекрасен ден на соработка и посветеност кон природата.  Заедно со локалната заедница на Варвара, тимот на Националниот парк Шар Планина, институционални претставници и многу посветени жители, успеаја да отстранат над 5 тони отпад од патот Лешок–Варвара. Резултат што јасно покажува дека кога сме заедно, можеме да направиме вистинска промена, истакнуваат во соопштение од НП Шар Планина. 

Воедно од Националниот парк велат дека со оваа соработка освен што бил исчистен важен дел од паркот, испратена е силна порака за грижата кон природата.

-Од срце благодарност до сите волонтери, жители и партнери кои дадоа придонес – ова е одличен пример за тоа што можеме да постигнеме заедно. Да продолжиме да се грижиме за природата секој ден, не само во акции. Природата нè обединува – да ја зачуваме заедно, велат од НП Шар Планина. 

Општина Теарце се простира на 13 илјади хектари површина и има 13 населени места, додека Националниот парк Шар Планина се простира на површина од 62 705 хектари шуми, пасишта, глацијални езера, водотеци и разновидна геоморфологија. ас/вј/

фото: НП Шар Планина 

Остани поврзан