• петок, 22 ноември 2024

„Ворнер мјузик“ ги доби правата за сите песни на Дејвид Боуви

„Ворнер мјузик“ ги доби правата за сите песни на Дејвид Боуви
Лос Анџелес, 4 јануари 2022 (МИА) - Американската дискографска куќа „Ворнер мјузик груп“ ги откупи правата на целиот список песни на британскиот рок пејач Дејвид Боуви (1947 - 2016), за 250 милиони долари. Договорот ги опфаќа издавачките права за сите 26 студиски албуми на музичарот, објави „Фајненшл тајмс“. - Среќни сме што музиката на Дејвид Боуви сега ќе биде во сигурни раце на „Ворнер чапел мјузик“ (подружница на музичкиот гигант), изјави адвокатот Алан Грубман, кој ги застапува интересите на наследниците на рок-пејачот. Неодамна, и американските уметници Брус Спрингстин и Боб Дилан, исто така, ги продадоа правата за сите свои песни на големи светски издавачки куќи за 500 милиони и 300 милиони долари, соодветно. Високата цена по која музичарите ја продаваат својата работа се должи на тоа што таа продолжува да носи голем профит. Песните на музичарите активно се слушаат на стрим-сервисите, се пуштаат на радио станици и се користат во филмови и реклами. Дејвид Боуви (роден како Дејвид Роберт Џонс) има освоено бројни музички одличја, вклучувајќи и неколку од американските „Греми“ награди. Боуви е прогласен за „Најголем уметник на 20. век“ во Обединетото Кралство, според истражување на Би-Би-Си. Во 2004 година, списанието „Ролинг стоун“ го рангираше на 39. место на „100-те најголеми рок-уметници на сите времиња“ и на 23. место на „100-те најдобри вокалисти на сите времиња“. Последниот албум на пејачот беше објавен на 8 јануари 2016 година - роденденот на уметникот. Тој почина два дена подоцна.  си/сд/

Остани поврзан