• петок, 22 ноември 2024

Вонредна инспекциска контрола на АХВ во ЗОО во Скопје, месото од закланите коњи ќе се уништи

Вонредна инспекциска контрола на АХВ во ЗОО во Скопје, месото од закланите коњи ќе се уништи
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера попладне спровеле вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина на Град Скопје, по добиената информација од Министерството за внатрешни работи (МВР) и медиумите дека таму нелегално се заклани десеттина коњи, чие месо ќе се користи за исхрана на дивите животни. - Со контролата, утврдено е дека во објект кланица со комора во зоолошката градина, кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклани се десет копитари, без соодветна документација, односно со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење, иако истите на зоолошката градина и се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување на санкции при КПУ- КПД Идризово, соопштија денеска од АХВ. Во депото, биле затекнати и две живи животни, а во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња. - Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде Решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла, информираат од АХВ. Инаку, вчера во 18 часот, полицијата приведе пет лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник. При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина. – Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и  инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото. Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје, соопштија од МВР. За сторените прекршоци, против Зоолошката градина на Град Скопје и одговорното лице, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни согласно Законот за ветеринарно јавно здравство, Законот за безбедност на храна, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните. цр/бак/

Остани поврзан