• недела, 24 ноември 2024

Возот утринава пристигна навреме во Велес по вчерашното седумчасовно доцнење

Возот утринава пристигна навреме во Велес по вчерашното седумчасовно доцнење

Велес, 8 ноември 2023 (МИА) - Патниците од Богомила и останатите населени места во Азот и од Велес утринава имаа воз навреме, за разлика од вчера кога тој доцнеше седум часа.

Возот Битола-Прилеп-Велес утринава од Железничката станица во Битола тргна според возен ред во 03:10 часот, а во Велес од железничката станица пристигна и тргна според возен во 05:46 часот и продолжи кон Скопје.

Патниците од Велес, кои редовно патуваат за Скопје, вчера беа револтирани поради повеќечасовното доцнење на единствениот воз на релација Битола-Прилеп преку Велес за Скопје. Поради запалени прагови на пругата на релација Слепче – Браилово, тој вчера доцнеше седум часа. Наместо во 05:46 часот, вчера на велешката Железничка станица пристигна во 12:30 часот.

Како што информираа од Железничката станица во Велес, доцнењето било поради запалени прагови на пругата, а екипи на МЖ работеа на поставување на 20-тина нови.

Посебно беа револтирани жителите од селото Богомила и останатите села во реонот на Азот, како Согле, Теово и Бистрица, на кои овој воз им е единствената врска со останатите населени места, а кои со овој воз одат на работа, на лекар и за други потреби за Велес и Скопје.

Жителите се револтирани што доцни и со часови па и денови го нема овој воз кој им е единствената врска со Велес, Скопје Битола. Тие веќе со години немаат ниту автобус ниту комбе, а таксисти од Богомила до Велес им бараат по 1500 денари, што, за нив, е прескапо.

Вчерашното, беше трето онеспособување на пругата и беше најкратко во однос на другите. Непознати сторители палат стрништа покрај пругата и така се запалуваат праговите. Вработените од Македонски железници мораат итно да ги заменат изгорените прагови со нови и повторно да ја оспособат пругата Битола-Скопје.

Првиот прекин со најголема штета за Македонски Железници, се случи на 25 септември, кога изгореа илјадници прагови на пругата кај Браилово прилепско, поради што железничкиот превоз беше во прекин осум дена. Вториот пожар на стрниште се случи на 12 октомври, по што беа зафатени околу 200 прагови на пругата кај Браилово Прилепско, поради што неколку дена возот беше во прекин.

Воедно од 25 октомври со одлука на МЖ транспорт наместо три од тогаш сообраќа само еден воз на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно.ад/ир

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан