• сабота, 23 ноември 2024

„Вознемирена земја“ во ко-авторство на Кумјана Новакова номиниран за најдобар документарен филм во Кан

„Вознемирена земја“ во ко-авторство на Кумјана Новакова номиниран за најдобар документарен филм во Кан

Скопје, 24 мај 2023 (МИА) - Во рамки на чествувањето на документарниот филм во Кан, Алијансата на документарни фестивали (Doc Alliance) и Кан Док (Cannes Docs), вчера ги објавија филмовите номинирани за наградата за најдобар документарен филм на Doc Alliance за 2023 година.

Наградата ги поддржува новите таленти во европскиот документарен филм, а секој фестивал член на Doc Alliance, вклучувајќи го и гостинот партнер за 2023 година, ДокуФест, номинираа по еден долгометражен и еден краток филм од нивните програми. „Вознемирена земја“ на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас-Канди е номиниран за најдобар долгометражен филм од страна на ДокуФест.

Наградите ќе бидат доделени на затворањето на ДокуФест во Призрен во август, а за нив ќе одлучува тро-члено меѓународно жири во состав: Џонатан Али (Jonathan Ali), Ана Бертолет (Anna Berthollet) и Арно Хе (Arnaud Hée).

„Вознемирена земја“, филм на Кумјана Новакова во корежија со Гиљермо Карерас-Канди, е во шпанско-босанска-македонска копродукција, се квалификуваше за „Оскар“ во категоријата за долгометражен документарен филм за 2022 година. По премиерата во официјалната селекција во Сараево, „Вознемирена земја“ беше дел од официјалната програма на некои од најреномираните меѓународни филмски фестивали во светот. Филмот го доби и специјалното признание „Кромид“ во главната програма за најдобар меѓународен долгометражен креативен документарен филм на овогодинешниот МакеДокс. вг/цр

Фото: Алијансата на документарни фестивали

Остани поврзан