• вторник, 13 јануари 2026

Водата од Масалница ризична за патот Оризари - Добра Вода, екипи со механизација се на терен

Водата од Масалница ризична за патот Оризари - Добра Вода, екипи со механизација се на терен

Кочани, 11 јануари 2026 (МИА) - По пријава од жителите на селото Оризари за забележани напукнувања на асфалтот на патот што води кон месноста Добра Вода, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов и директорот на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Дејан Анакиев денеска излегоа на терен за увид во состојбата и преземање итни мерки за заштита.

Поради сериозното надоаѓање на водата и опасноста од оштетување на патната инфраструктура, ангажирана е механизација којашто е спуштена во речното корито со цел да се регулира текот на Масалница и да се спречи натамошното поткопување и евентуалните штети.

– Безбедноста на граѓаните и заштитата на инфраструктурата се наш приоритет. Веднаш по добиената информација излеговме на терен и ангажиравме механизација за да се стабилизира коритото и да се спречат поголеми последици. Состојбата постојано се следи и ќе преземеме дополнителни мерки доколку има потреба, вели градоначалникот Грозданов.

Според кажувањата на мештаните, вакво надоаѓање на водата не паметат повеќе од 20 години, а на одредени места длабочината на Масалница достигнува и до 1,5 метар, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.

Надлежните служби остануваат на терен и ја следат состојбата, а Општина Кочани апелира до граѓаните на внимателност и навремено пријавување евентуални нови проблеми. ис/мч/

фото: Општина Кочани

Остани поврзан