• недела, 22 декември 2024

Во Берлин почнува 72. Меѓународен филмски фестивал

Во Берлин почнува 72. Меѓународен филмски фестивал
Берлин, 10 февруари 2022 (МИА) - Во Берлин вечерва почнува 72. Меѓународен филмски фестивал (Берлинале). За главните награди ќе се натпреваруваат 18 филмови. Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Питер фон Кант“ на режисерот Франсоа Озон, со Изабел Аџани во главната улога. Покрај него, во трката за награди се и филмовите „Со љубов и одлучност“ на Французинката Клер Дени, со Жилиет Бинош во главната улога и „Сѐ ќе биде во ред“ на француско-камбоџанскиот режисер Рити Пан. Фестивалот ќе трае до 16 февруари. Жирито на третиот најголем европски филмски фестивал по Кан и Венеција, ќе го предводи американскиот режисер М. Најт Шајамалан. Фестивалот годинава ќе се одржува главно со физичко присуство на гостите (минатогодишното издание беше „онлајн“ поради пандемијата на коронавирусот). Француската глумица Изабел Ипер ќе ја добие почесната „Златна мечка“ за животно дело. „Златната мечка“ лани ја освои романскиот филм „Трнлив хаос и евтино порно“ (Babardeala cu bucluc sau porno balamuc) на режисерот Раду Жуде. Берлинскиот меѓународен филмски фестивал е основан 1951 година, а од 1978. редовно се организира во февруари секоја година. Фестивалот доделува „Златна мечка“ за најдобар филм, „Гран-при“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Во 2020 година, организаторите ја укинаа наградата „Алфред Бауер“ за режисери кои отвараат нови гледишта во кинематографијата, именувана по поранешниот директор на фестивалот, откако се откри дека тој бил поврзан со нацизмот во Германија.  си/

Остани поврзан