• среда, 18 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Ќе следиме дали Владата навистина работи на подобрување на Законот за угостителска дејност

ВМРО-ДПМНЕ: Ќе следиме дали Владата навистина работи на подобрување на Законот за угостителска дејност
4 ноември 2022  Почитувани, Повторно скандалозно однесување на власта и мнозинството во Собранието. Вчерашниот ден и она што се случуваше на 73-тата пленарна седница е само уште една потврда дека пратениците од владеачкото мнозинство немаат право на сопствено размислување, туку се гласачка машина по налог на Владата! Имено, на 6-ти мај го поднесовме Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за угостителска дејност со кој баравме да се дефинираат хостелите и да се вградат во законската материја. На пленарната седница на 7-ми јуни овој Предлог-закон доби зелено светло, односно се изгласа потребата за донесување на истиот. И дотука, се’ беше во ред. Но, вчера мнозинството повторно го покажа своето вистинско лице. Таман помисливме дека се освестиле, дека се промениле, дека сфатиле дека опозицијата не е тука само да критикува, туку и да предлага закони и да се бори за подобрување на законските решенија, тие повторно покажаа дека се слепи послушници на власта. По изминати 5 месеци, она што самите го гласаа, веќе не важи. Зошто дојде до ова? После 5 месеци од поднесувањето на Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за угостителска дејност, Владата доставува мислење во кое ни кажува дека работела на нешто слично и му предлага на Собранието да не го донесе овој закон! Што е тоа слично на што работи Владата? - Не знаеме. Каде е документот? – Никаде го нема! Кога да го очекуваме? - Не е наведено! Дали колегите од СДС и ДУИ го виделе? - Очигледно не ни мора да го видат, доволно е само од Влада да им кажат кое копче да го притиснат. Инаку, со овој Предлог-закон предвидуваме дефинирање на хостелите кои реално постојат, но не се опфатени со законската материја, заради што има недоследности во практичната примена на Законот за угостителска дејност како целина. Од друга страна, на Комисијата за економски прашања слушнавме разно-разни изговори за ова 5-месечно чекање и одолговлекување. Еднаш било поради дебатирање за ребаланс на буџет, другиот пат било поради тоа што поимот „хостел“ не бил македонски збор и така натаму. Секакви изговори само за да се сокрие неправењето и неработењето ништо за подобрување на законската материја која се однесува на угостителската дејност. Ние како пратеничка група по вчерашното отфрлање на нашиот Предлог-закон будно ќе го следиме ова за да видиме дали Владата навистина работи на подобрување на Законот за угостителска дејност или само напразно зборува и ништо не работи. Факт е дека за нив зборот претставува се’, освен даден збор. Токму затоа сметаме дека со оваа неспособна Влада секој изминат ден е залудно потрошен ден, како во областа на угостителството, така и во сите останати сфери од општеството и секојдневното живеење. Ви благодарам. Лидија Петкоска, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан