• петок, 22 ноември 2024

Власта очекува видливи ефекти во економијата уште во првиот квартал и најавува 23 милијарди денари за капитални инвестиции

Власта очекува видливи ефекти во економијата уште во првиот квартал и најавува 23 милијарди денари за капитални инвестиции
Скопје, 18 јануари 2020 (МИА) - Владата очекува ефектите од нејзините мерки за стаблизација на економијата да станат видливи уште во првиот квртал од годината, а од владејачката СДСМ стигнуваат најави за вложување на околу 23 милијарди денари во капитални инвеситции во текот на 2021-та. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера од Тетово најави дека веќе во првиот квартал од 2021 година ќе се видат ефектите од мерките кои Владата преку државниот буџет ги презема со цел да се стаблизира економијата во состојба на криза, најавувајќи и други средства за пакетот мерки за годинава, покрај 85 милиони евра од државниот буџет за поддршка на економија, здравствениот сектор и социјални категории кои ги чувствуваат ефектите од ковид-кризата. Бесими нагласи дека некои мерки веќе се применуваат, потенцирајќи дека се во комуникација со коморите за нивна реализација, при што во континуитет ќе се работи и на нивно промовирање. - Тоа што е важна порака до стопанствениците и граѓаните е дека ние во секојдневна основа ги следиме движењата, слушаме, добиваме одредени сугестии, правиме анализи и навремено ќе излеземе со одредени мерки, како што беше 2020. По сите извештаи на ММФ и на други релевантини институции и ефектот на микроекономски политики и мерки даде резултат во ублажување во ефектот од кризата што го имаше во нашата економија и нашиот живот, потенцира Бесими. Премиерот Зоран Заев на Фејсбук објави дека Владата усвоила Програма за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година, со која се предвидени 52 милиони денари за надомест на трошоците за набавка на сончеви колектори, ПВЦ или алуминиумски прозорци, печки на палети и фотомапонски панели за производство на електрична енергија. - Предвидено е да се искористат 52.000.000 денари за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на: сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања; ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 остто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за категоријата на лица со ниски примања; печки на пелети во домаќинствата до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за лица со ниски примања; и фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство, наведува Заев. Во исто време, владејачката СДСМ преку партиско соопштение најави продолжување на инвестициите во инфраструктурата и во капиталните проекти, за да се овозможи рестарт на македонската економија и да се обезбеди основа за подобри економски услови и подобар живот за сите граѓани. - Во Буџетот за 2021 година за капиталните инвестиции се планирани околу 23 милијарди денари, што е за 20 проценти повисоко во однос на минатата година, наведува партијата. Според СДСМ, Владата продолжува со силна поддршка кон македонското стопанство, со цел брзо надминување на негативните последици од коронавирусот. - Пред нас е година на економски предизвици и можности. Преку одговорен, отчетен и инклузивен пристап, реализираме политики што обезбедуваат економски раст, поконкурентна економија и подобар животен стандард за сите. Грижата за сите продолжува, наведува СДСМ. Меѓутоа, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од досегашните антикризни пакет мерки се реализирани само 50 отсто од средствата, немало никакви капитални инвестиции и економијата била доведена до колапс. - Без работаа останаа 54 илјади работници и уште толку не земаат редовно плата поради погрешните економски политики во време на криза, кои се сведоа на гол популизам и изборна корупција. Дури 6200 компании згаснаа во 2020-та година, а над 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија со само две евра на ден, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. сп/ев/

Остани поврзан