• понеделник, 18 ноември 2024

Влажни коловози во дебарскиот регион, се препорачува внимателно возење

Влажни коловози во дебарскиот регион, се препорачува внимателно возење
Дебар, 21 мај 2020 (МИА) - Обилниот дожд и ветерот присутни на подрачјето на Дебар, Река и Жупа во текот на ноќта и утринските часови предизвика помали одрони на патните правци во овој регион. Поради одроните и влажниот коловоз, од дебарската секција на „Македонија пат“ препорачуваат многу внимателно возење, посебно по клисурата на реката Радика. -Има помали, но чести одрони од камен и земја. Работиме двосменски и нашите екипи се постојано на терен во нивно расчистување, и сообраќајот се одвива без проблеми. Поради можноста од одрони, но и влажниот коловоз препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачува Деар Лиманоски, раководител на секцијата. Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа или над 110 километри. Најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патниот правец Дебар – Маврово, како и кај месноста „Три чешми“ на патот кон Струга, и месноста „Кокошкина краста“ на патот Мелнички Мост-Центар Жупа. Дождот е добредојден за земјоделските посеви, но и за зголемување на дотеците во реките а со тоа и во акумулацијата „Дебарско Езеро“.вт/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан