• сабота, 25 јули 2026

Владата на Екваторијална Гвинеја поднесе оставка поради нереализирани цели

Владата на Екваторијална Гвинеја поднесе оставка поради нереализирани цели

Сијудад де Ла Паз, 17 јуни 2026 (МИА) – Владата на Екваторијална Гвинеја поднесе оставка откако не ги реализираше зацртаните цели, изјави потпретседателот на африканската држава Теодоро Нгема Обианг Манге.

Според него владата реализирала само околу 10 проценти од планираните задачи поради што премиерот Мануел Оса Нсуе Нсуа поднел оставка до претседателот во име на целата влада.

Манге, кој е син на претседателот на Екваторијална Гвинеја, Теодоро Обианг Нгема Мбасога, посочи дека оставката е поднесена во согласност со принципот дека јавната одговорност мора да биде придружена со конкретни резултати.

- Степенот на постигнатото извршување е очигледно недоволно во однос на очекувањата и преземените обврски, објави Манге на платформата Икс.

Во соопштението на владејачката Демократска партија на Екваторијална Гвинеја (ПДГЕ) се истакнува дека претседателот на земјата е незадоволен од работата на владата, обвинувајќи ја за поттикнување на корупција, злоупотреба на државните ресурси за лични цели и застој во спроведувањето на развојните проекти.

Се очекува наскоро да се формира нова влада.

Екваторска Гвинеја е богата со нафта, а приходите од нафта и гас го сочинуваат најголемиот дел од нејзиниот извоз и буџетски приходи. Но, и покрај значителните енергетски ресурси, голем дел од населението од околу 1,8 милиони луѓе сè уште живее во сиромаштија, додека земјата изминатите години се соочува со економски пад поради намаленото производство и побарувачката за нафта.

Мбасога владее со земјата од 1979 година. Тој е актуелен шеф на држава со најдолг мандат во светот. ми/

фото: Википедија

Можно е и ова да ти се допаѓа