Висока владина делегација предводена од Муцунски на втората сесија од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД утре во Вашингтон
- - Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбедноста, кибербезбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани и зајакнувањето на граничната безбедност, стои во соопштението на МНРиНТ.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски престојува во работна посета на Вашингтон, Соединетите Американски Држави, каде што ја предводи високата владина делегација на втората сесија од стратешкиот дијалог меѓу двете земји, која ќе се одржи утре.
- Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбедноста, кибербезбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани и зајакнувањето на граничната безбедност - стои во соопштението на МНРиНТ.
Од таму наведуваат дека со одржувањето на втората сесија од стратешкиот дијалог се потврдува континуитетот на сојузништвото меѓу двете земји и заедничката посветеност кон унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и пошироко.

Муцунски неодамна во интервју посочи дека ќе бидеме прва земја во Европа која во рамките на оваа администрација ќе има сесија на стратешки дијалог во Вашингтон. Изрази очекување дека стратешкиот дијалог ќе отвори сериозни дискусии во областа на одбраната и безбедноста, трговската и економската соработка, како и дека ќе донесе конкретни бенефити за граѓаните. нд/вј/
Фото: МИА архива