• понеделник, 23 декември 2024

Виолинистот Џулијан Рахлин со оркестарот на македонската Филхармонија ќе настапи на отворањето на Охридско лето

Виолинистот Џулијан Рахлин со оркестарот на македонската Филхармонија ќе настапи на отворањето на Охридско лето

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - НУ Филхармонија ќе учествува на овогодинешното свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“ на кое со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој ќе се претстави и како диригент, информираат од НУ Филхармонија на РСМ.

На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

-Џулијан Рахлин инаку, за првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќен концерт кој се одржа на 7 јануари напладне. Виртуозот на виолина Џулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче Грамофон“, „Сони Класикал“ и „Ворнер Класикс“, велат од Филхармонија. 

Рахлин во изминатите неколку сезони настапувал со Симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот Концертхаус оркестар.

-Како виолинист пак, застанува на сцена со некои од најпрестижните светски оркестри и диригенти. Музичките фестивали на Рахлин ја рефлектираат неговата пасија кон обединување на изведувачите и публиката во заедничко славење на музиката и уметноста. Често соработува со имиња како Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Жанин Јенсен и Миша Мајски, а неговиот фестивал „Рахлин и пријателите“ кој се одржуваше повеќе од една деценија во Дубровник, беше светски признат. Од 2021 година Рахлин е уметнички директор на Фестивалот Хербстголд кој се одржува во палатата Естерхази во Ајзенштад, Австрија. Свири на виолината екс-Либиг изработена од Антонио Страдивари во 1704 година, како и на виолина изработена од Лоренцо Сториони од 1785 година, инструменти кои му се дадени на користење од приватната фондација „Ангелика Прокоп“, се вели во соопштението.

Годинава, Македонската филхармонија одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години ЉУБОВ!.

-Ова е првиот и единствен симфониски оркестар во Република Северна Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена. Во последните декади особено, институцијата го подмлади оркестарот и со тоа внесе нов елан и ентузијазам и силна желба за работа. Денес, звукот е издигнат на високо квалитативно скалило, а својата програма редовно ја збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Инвентивниот и креативен репертоар е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели. Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје, велат од оваа национална установа.

Оттаму додаваат дека Филчхармонијата е формирана во на ул. „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, кој, како што нагласуваат, е еден од стожерите на македонската музичка култура. Таму, нагласуваат, се одржал првиот состанок на група музичари со цел да формираат симфониски оркестар, да го формираат првиот Државен оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободена Македонија. сст/нд/

фото НУ Филхармонија

 

 

 
 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан